Рангелова осомничена за организатор на група која пополнувала уплатници на донации на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Пратеничката Даниела Рангелова пред малку излезе од СЈО по што истакна дека и таа, исто како и Димитриев не дала исказ како осомничена во „Талир“ бидејќи побарала прво да ги види доказите за да дознае за што е осомничена.

Од СЈО и одговориле дека дополнително доказите ќе и бидат предочени, како и дека и дале накратко појаснување за што ја гонат.

– Ми кажаа дека сум осомничена како организатор на група која пополнувала уплатници на донации на ВМРО-ДПМНЕ во 2010 година. Таа година јас не сум донирала ниту пак сум имала некоја функција туку бев само член на општинскиот комитет Центар, затоа не ми е јасно зошто ме гонат, рече со насмевка Рангелова за медиумите.

Претходно Рангелова изјави дека не се чувствува виновна бидејќи ништо погрешно не направила. На прашањето на новинарите како партијата ВМРО-ДПМНЕ се стекнала толку голем имот таа истакна дека нема информација за тоа и дека треба да се праша тој што го стекнал имотот.

Во СЈО дојде и екс техничкиот премиер Емил Димитриев кој кратко се обрати пред медиумите и кратко изјави дека во СЈО бил повикан во својство на осомничен. И тој како и Рангелова рече дека денеска не дал исказ, туку побарал увид во доказите по што дополнително ќе се произнесе пред обвинителите.

Осомничените во случајот „Талир“ Никола Груевски, Илија Димовски, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски денеска нема да дојдат во Специјалното обвинителство бидејќи не ги примиле поканите за да присуствуваат.

 

Функционерите на партијата се повикани во СЈО да дадат искази како осомничени во случајот „Талир“, каде за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ се осомничени 14 лица за перење пари од кои 9 лица како директни извршители и 2 како помагачи.

Во овој случај е осомничен лидерот на партијата Никола Груевски и сите генерални секретари во партијата од 2009 до 2015 година, меѓу кои и Димитриев, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски. Осомничени се и директорите на центарот за комуникации, а оваа функција долги години ја имаше Илија Димовски, додека во 2015 година на ова место дојде Иво Котевски.

Поврзани новости