Рангелова ја испрашуваше професорката Симоновска: Дали е точно дека по протестите срдечно ме поздравувате и прегрнувате?

by Fokus

Обвинетата Даниела Рангелова, актуелна пратеничка на ВМРО ДПМНЕ, денеска го презеде испрашувањето врз сведокот Цветанка Симоновска, откако нејзината адвокатка Сања Алексиќ покажа дека не се снаоѓа.

Алексиќ покажа незнаење околу поставеноста на советничките групи во бараката шест во Општина Центар каде се одржаа насилните протести во 2013 година. Таа ја прашуваше Симоновска дали е точно дека не можеле да видат што се случува надвор, иако советниците седеа непосредно до прозорите.

Откако Рангелова го презеде испрашувањето се обиде да го оспори тврдењето дека таа е организатор на протестите.

– Во тоа време јас бев само член на општинскиот комитет и советник во Центар. Дали би се согласиле дека јас на таа функција не би можела да бидам организатор? – праша Рангелова. –

Ни во еден момент не спомнав дека сте организатор на протестите. Реков дека оркестрирано ситуацијата внатре ја пренесувавте надвор. Кога Шиповиќ ќе почнеше да зборува вие ги интензивиравте реакциите. Мое убедување е дека таа оркестрација беше директна – рече Симоновска.

На прашање на Рангелова дали по протестите Симоновска кога ќе ја види на улица срдечно ја поздравува и прегрнува, Симоновска рече: До денеска имам извонредни релации со сите колеги кои учествуваа, затоа што простувањето е дел од христијанството во кое вие верувате – одговори таа.

М.В.

Поврзани новости