Рангелова до Мицкоски: Очи в очи да се пресметаме на еден дуел!

by fokus

Откако денеска обвинителката Фатиме Фетаи го повлече обвинението за Даниела Рангелова, која се гонеше за „Насилството во Центар“, таа упати порака за оние кои сведочеле против неа.

-Мило ми е што излезе вака, ќе им порачам само на оние сведоци што јавно сведочеа против мене, нека им служи на чест, рече поранешната пратеничка и поранешна советничка во Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа упати повеќе пораки до нејзините сопартијци и до актуелното раководство на партијата.

„Сега ми е полесно, бидејќи сега можам полесно да возвратам на сите што ќе ме нападнат. Да не бев во овој обвинителен акт, ќе можев многу послободно да дејствувам изминатиот период, бидејќи бев обвинувана дека ќе се пазарам. Сега си ја докажав правдата и можам слободно вербално да се пресметам со тие што ме обвинуваа“, рече Рангелова.

Таа го предизвика на дуел и партискиот лидер Христијан Мицкоски.

„Жал ми е што требаше четири години да се докажуваме, но со овие аргументи сега се покажува токму спротивното што го тврдеа Мицкоски и ‘компанијата’ и сега можеме лично да се пресметаме на еден дуел. Можеби не се чувствува за достоинствено дека треба да излегува со некој бивш функционер од партијата, но со оглед на моето партиско искуство би сакала очи в очи да се пресметаме, кој одработува за оваа власт, дали ние или тој“, рече Рангелова.

Поврзани новости