Рамадан Рамадани: Јас ќе гласам за Стево!

by lali 10:43
10:43

Размислував дека за спас од рутината можеби некогаш би требало да се напише нешто поинаку. Ми светна и дека можеби најпогодно е тоа да се направи токму во неделата сред избори. Уште и ми текна дека тоа нешто поинаку би требало да биде еден напис за најскопското место: чаршијата. Да ги напишам конечно тие неколку збора кои постојано ми се мотаат во главата секој ден кога сум во чаршијата и кога на тој ден знам дека така сум навистина дома, навистина свој и навистина во Скопје.

Но, сепак, како што чаршијата не може да се одмине кога се зборува за Скопје, така и преку изборите не може да се помине кога веќе се пишува колумна. Вака размислувајќи, оставив другпат да пишувам за чаршијата, а сега и овде да обзнанам дека мојот глас на претседателските избори ќе биде за опозицискиот кандидат, г. Стево Пендаровски!

За овој став имам многу причини, но се потсетив дека тука некаде пак ми се пројави скопската чаршија. Се присетив дека двајцата најверојатни претенденти за иден претседател на мојата земја јас лично ги бев сретнал токму в чаршија. Ѓорге Иванов пред неколку години, откако веќе стана претседател, кога веројатно заради придружба на некој странски гостин, беше таму, и Стево Пендаровски, кој првите чекори на својата кампања ги направи токму по чаршиската калдрма.

- Advertising -

„НИКАД ВИШЕ“ КОЛОНИЈАЛ

На првиот, при таа прошетка, цело време му се забележуваше вознемиреноста и имаше нешто колонијално во тој краток престој во овој центар на Скопје, кој за скопјани е и центар на светот. И не само колонијалистички стил и јабанџиски фил, кој токму по тоа се издава дека е привремен и на заминување, туку баш како во колонијал. Како кога маалскиот дуќан е затворен, па треба во некој друг колонијал да се купи нешто неопходно. Оди во тој колонијал, завршува работа, тој молчи и сите молчат, но по сè се забележува дека тоа е само овојпат. „Никад више“, како што би рекле овдешните колонијалисти.

Заклучив дека можеби токму од тоа што го видов во тие две различни прошетки низ чаршијата, ќе гласам за другиот човек. За човекот, за кој дента и оддалеку се гледаше дека во чаршијата е свој на своето. Токму како што му личи на еден претседател да биде кога е некаде, каде било, во својата земја.

Свесен сум дека ваквото пишување е субјективно до интимност, но и гласот за претседател е исто толку интимен. Дури, гласот на претседателските избори е баш таков – еден на еден со личноста. „Јекајек“, како што велат в чаршија кога играат домино. Така, на локални или на парламентарни избори често знае да влезе и нешто друго меѓу избирачот и избираниот, но тоа влегување помеѓу е поретко кога се избира претседателот.

Знам дека страната, која избира да стави тим, партија или држава на своја страна, тоа го прави за така некако да ја покрие неадекватноста на избираната личност. Но, колку што тоа може да е предност, толку може да е и хендикеп, зашто токму на претседателските избори директно режимот, владејачката клика, му се мести на пенал на гласачот. Најдиректно да може да ги казни: јас, гласот и голманот. А, голманот им – слаб ли, слаб, веројатно и од голот ќе побегне како што бега од дебати?!

НЕ СУМ БУДАЛА ДА НЕ ГЛАСАМ

На крајот, и заради другите и заради себе, веројатно ќе треба да објаснам и од каде и јас, Албанец со три партии и со еден кандидат, уште во првиот круг да ја заокружам тројката за претседател.

Првото кратко објаснување: „не сум будала да не гласам“, е за сите мрчатори и промотори за бојкот. Голем број луѓе, некои и оправдано поради пустеци, СДПМ, полициско присуство итн., одбираат да не гласаат. Но, правејќи така, тие ја пропуштаат единствената можност, ако ништо, токму со тој свој еден глас да поништат некоја ујдурма со гласовите.

Другото објаснување е за едната од двете „мои“ партии, која одбра неразбирлив бојкот поради неразбирливата консензуалност. Читателите можеби паметат дека јас бев еден од ретките што ги поддржуваа идејата и предлогот за консензуален претседател. Но, консензуалноста не расте на гранка и тоа требаше да се направи поинаку.

Така, сега ни јас, ниту гласачите не им должиме бојкот на ДУИ за со тоа да се извадат од бојкотот на нивната идеја, која им ја направи нивниот ортак во власта, ДПМНЕ. Тоа што партијата заплетка, партијата нека отплетка, тука на граѓаните ни дошло „на тепка“. Али Ахмети не треба да прави никаков притисок кон гласачите да не гласаат и за кого тие ќе сакаат за претседател. Дури ако ДУИ притиска во првиот круг за такво нешто, ќе троши од својот кредит за во вториот круг, за парламентарните, тогаш кога гласот токму ним ќе им значи сешто.

Третото објаснување е за втората „моја“ партија, ДПА. Претседател Албанец Македонија ќе има многу скоро, но тоа не се прави вака, со пишмани и со влегување во трка по сушико или со Интерпромет-есапи. И не со ваков, само локален лик, од оние кои во многу изјави веќе кажале дека ниту сакаат да знаат каде е вистинскиот центар. Ни на Скопје, ни на Тетово, ниту на некој друг град или село во Македонија. Претседател на Македонија ќе биде тој што ја знае цела, а не некој што може да си дозволи себеси сред избори да исклучи и еден победник, каков што е Зијадин Села.

Затоа на сите најдиректно и кратко им велам: „не сум будала да не гласам“ и „фала, друг пат“, сега Стево Пендаровски е мојот избран кандидат!

Поврзани новости