Рама: Меркел го поддржува балканскиот „мини Шенген“

by fokus

Германската канцеларка Ангела Меркел го поддржува балканскиот „мини Шенген“ и е убедена дека тој процес ќе најде поголема поддршка, рече албанскиот премиер Еди Рама денеска по средбата со канцеларката.

Рама за албанскиот Топ Чанел изјави дека Меркел ја смета таа иницијатива многу важна, како и фактот дека три држави се приклучиле кон неа за да биде сеопфатна и дека се очекува да и се придружат и други земји од регионот.

„Иницијативата не е ништо друго освен спроведување на нешто што е веќе договорено за време на берлинскиот процес, за што канцеларката го охрабрува и е многу заинтересирана, рече Рама.

Додава дека оваа иницијатива всушност претставува слободно движење на луѓе меѓу Албанија и Косово.

„За жал, тие не сакаат да го разберат ова во Приштина, и ја претвораат оваа тема во полемика за тоа кој е предавник а кој е патриот“, рече Рама, додавајќи дека процесот ќе продолжи со поддршка на ЕУ, Германија и САД.

Премиерот на Албанија, исто така, значајно го оцени писмото за намери потпишано за обновување на воздушниот сообраќај на релација Белград-Приштина, за што рече дека е постигнато со силна поддршка на специјалниот пратеник на американскиот амбасадор во Германија, Ричард Гренел.

Поврзани новости