Радмила Шекеринска: Мајка три во едно!

by Фокус 12:44
12:44

ФОКУС: Има ли доволно простор и време една дама да биде еднакво успешна и како политичар и како мајка?

ШЕКЕРИНСКА: Ова е дилемата на сите мајки кои работат. Се преиспитуваме постојано дали тоа што го правиме е најдоброто за нашите деца. Дали ги воспитуваме на вистински начин? Дали им посветуваме доволно време? Дали ги размазуваме премногу или недоволно? Дали ги правиме да бидат силни или слаби? Дали, дали, дали… Никогаш крај за мајчините секирации.

- Advertising -

Од друга страна, не ми се допаѓа фразата „успешна мајка“. Сакам да бидам мајка на среќно дете кое ќе израсне во добар и исполнет човек. 

Скопје Сити Мол е едно од нивните редовни места каде заеднички го трошат квалитетно нивното време.

„Цртаните во Синеплекс, смрзнатиот јогурт, лижавчињата и Имагинариум. Најчесто не мрднувам од третиот кат“ – вели Шекеринска.

Во нашата прошетка низ нивниот омилен спрат во Скопје Сити Мол откривме една опуштена, насмеана, сосема различна Радмила, водена од желбите на нејзината ќерка Ада.

ФОКУС: Каква беше Радмила како дете? Дали можеби на моменти се препознавате себеси во ќеркичката?

ШЕКЕРИНСКА: Ада е ептен своја и многу мешана. Таман ќе речам личи на мене, ќе ме изненади со гест кој личи на татко и. Кога, пак, тој се прави важен дека таа е „татина ќерка“ ќе му возврати со моја насмевка. И така во круг.

ФОКУС: Кој е најсуштинскиот совет кој би сакале да и го дадете на вашата ќерка кога ќе порасне?

ШЕКЕРИНСКА: Да знае да сака и да сака да знае.

ФОКУС: Во денешно време многу од мајките се опседнуваат со грижата околу тоа што смее, а што не смее да се дозволи на детето.  Некои педијатри укажуваат на тоа дека на пример во зима децата треба да уживаат во сладолед, а во лето да пијат чај или топли напитоци. Колку еве вие сте слободни во ваквиот воспитен пристап?

ШЕКЕРИНСКА:  Да, слободна сум – и се трудам да не ме јаде јанѕа кога Ада пие ладен сок или јаде сладолед. Науката го однесе човекот на Месечината, па може да и веруваме дека знае што е добро за детското грло и здравје.

Се мачам да наметнам ред за полошите навики: лижавчиња, смоки, бомбони… за жал, со променлив успех.

ФОКУС: Дали вашиот хороскопски знак близнаци, знае да го разбуди детето во вас, додека си играте со вашата ќеркичка?

ШЕКЕРИНСКА: Си играме лесно и со многу ќеиф. И веќе ги знаеме омилените улоги: со мене си игра училиште, со татко и готви. И тоа може да го прави цел ден. Мојот хороскопски знак само ми помага физички да го издржам темпото кога ќе ги каже фамозните зборови „Ај пак“.

ФОКУС:  Која беше вашата омилена играчка како дете?

ШЕКЕРИНСКА: Паметам деца и возрасни со кои сакав да си играм. Паметам настани и смешни ситуации. Ги паметам речиси сите песни и стихотворби. Играчки речиси воопшто. Единствено на што се сеќавам е еден феноменален воз и првиот точак кој го добив на крај на некоја учебна година.

Паметам во двете ситуации дека на среќата и немаше крај. Како што немаа крај ни модриците и паѓањата потоа.

ФОКУС: Читате ли приказни за деца?

ШЕКЕРИНСКА: Читам, но мојата Ада највеќе ги сака приказните кои самата ги измислувам.

ФОКУС: Која е вашата омилена детска приказна?

ШЕКЕРИНСКА: Трите прасиња и Златокоса.

ФОКУС: Во секој од нас на некој начин се крие она што сме го научиле од нашите мајки. Што Вие научивте од Вашата мајка? Дали постои нешто што применувате и вие како родителска тактика?

ШЕКЕРИНСКА: Мајка ми ме научи да размислувам со своја глава. Да бидам љубопитна и отворена. Да читам и учам. Да се грижам за луѓето. Да се жртвувам за оние кои ги сакам. Да давам сѐ од себе. Да не се штедам.

И што е најинтересно, ништо од тоа не беше тактика. Само мајчинска, несебична љубов која понекогаш ме вадеше од такт – но, за која денес сум бескрајно благодарна.

Се надевам дека барем половината од сето тоа ќе можам да и го пренесам и на мојата ќерка.

Додека шетавме низ Скопје Сити Мол, релаксирано уживајќи во веселото и љубопитно трчкање на Ада, се обидовме ШЕКЕРИНСКА да ја навратиме  на некои други мигови од нејзиното минато. Паралелно со нашите обиди, Ада се грижеше како во омилениот свет на децата-продавницата КРШ да одбере само една играчка, а притоа да не го наруши правилото на нејзината мајка.

ФОКУС: Ако може да се врати времето, дали политичката кариерата  би ја менувале за кариера како универзитески професор?

ШЕКЕРИНСКА: Времето не се враќа. И многу ретко влегувам во филмот „што би било, кога би било“ бидејќи така животот ќе ни мине во каење, премерување и стоење во место.

Да, и ден денес ми недостига работата со студенти. И денес сум свесна дека тој живот ќе беше помирен и поспокоен. Немаше да работам на вака високи фреквенции, а мојот живот ќе беше само мој.

Но, влезот во политика не беше случаен. И ден денес сум убедена дека тоа може и мора да биде благородна професија. Дека таа професија носи сатисфакција и без да ги жртвувате принципите. Чувството дека нешто можеш да промениш на подобро за својата земја, за својот град, за сите наши деца нема конкуранција.

ФОКУС: Не ви пречи тоа што на пример ваши колеги од факултет работат на светско ниво на развој на 5Г технологијата, а вие сте тука во Македонија, заглавени во политичкиот живот?

ШЕКЕРИНСКА: Ме радуваат успесите на моите поранешни колеги. Еден дел останаа во Македонија, други заминаа засекогаш. Не им е лесно ни на едните, ни на другите. Како ни мене.

На различен начин, сите сме „заглавени“ од сегашниов политички живот во Македонија кој продуцира само песимизам и непријатели. И тие кои се далеку од македонската политика, дури и оние се далеку и од Македонија, сите станаа негови жртви.

Во Македонија уште еднаш се загрева политичката атмосфера, посебно, кога изборите се во најава. Овојпат, барем според информациите кои досега циркулираа, најсиромашно со припадничките на понежниот пол

ФОКУС: Во  игра се неколку опции за претседателски кандидат, но ниеден од нив не е жена. Ви пречи ли тоа, не како политичар туку како жена?

ШЕКЕРИНСКА: Во опциите има и една жена. И тоа ме радува: како жена, како политичар, но и како мајка.

ФОКУС: Има ли доволно простор за жените политичарки во Македонија?

ШЕКЕРИНСКА: Политиката не познава подарен, слободен простор. Или го создавате, или се борите за него. За жените е сѐ дополнително покомплицирано. Ако се пристојни, сметаат дека не се доволно борбени. Ако жестоко се борат, тогаш се нечувствителни кучки. Ако се емотивни, тогаш се плачки. Ако се успешни, мора да си го занемариле семејството. Ако се грижат за него, тогаш немале да имаат време за политика. И така, во круг, со илјада и едно образложение зошто местото не им е во политика.

Се тешам дека ова не е само наш, ниту само денешен проблем; но, навистина сум разочарана кога гледам дека дискриминацијата и двојните аршини кои ги гледав како исклучок во деведесетите сега стануваат норма. Квотите во парламентот се само привид кој ја маскира владината патријахална мантра. И на овој план, одиме назад и тоа забрзано.

ФОКУС: Вашата викендичка во Маврово стана славна  благодарение на вашите политички противници. Тоа не ми е поентата на прашањето. Што за вас значи Маврово, дали е можеби некаков синоним за слободни семејни мигови?

ШЕКЕРИНСКА: Маврово ми е синоним за исклучен телефон. Или барем ставен на „silent”. Еден ден ни е доволен за полнење батерии и се враќаме како препородени.

Паузата од шетање во Скопје Сити Мол ја заокруживме со смрзнат јогурт во Yo GO, а за неговиот вкус и украсување се погрижи Ада.

ФОКУС: Австралија, Германија, Хрватска добија жени за премиер. На родените на 10 ден, нумеролозите  секогаш им претскажуваат лидерски способности. Па, посакувате ли да станете прва жена премиер во Македонија?

ШЕКЕРИНСКА: На Македонија ѝ се неопходни промени. Промени за да стане слободна, сигурна и поправедна. Посакувам тие да се случат час поскоро и работам за тоа. Сите други персонални математики  ми изгледаат себични и неодговорни.

Поврзани новости