Радев смета дека Бугарија треба да изгради национален став за Македонија

by fokus

Пристапувањето на Република Северна Македонија во НАТО и Европската унија е важен чекор со кој се гарантира мирот, стабилноста и одржливиот развој и просперитет на Југоисточна Европа. Бугарија отсекогаш принципиелно ја поддржуваше европската и евроатлантската перспективи на Република Северна Македонија. Да не заборавиме дека ние сме првите што ја признавме независноста на таа земја, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев.

На консултативната средба, која се одржа на иницијатива на Радев, а на која беа присутни бугарскиот премиер Бојко Борисов, вицепремиерката и шефица на дипломатијата Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов се разгледуваа односите на Бугарија со Република Македонија во контекст на евентуална одлука на ЕУ за почеток на преговори со официјално Скопје.

Со очекуваната препорака на ЕУ во октомври да започне преговори со Република Северна Македонија, учесниците на денешната средба постигнаа принципелна согласност дека е потребно итно дејствување за да се изгради национален став со јасни барања и критериуми, кои ќе ги заштитат бугарските национални интереси, истакна Радев.

– Тие барања и критериуми треба да бидат дел од рамката за преговори и треба да станат предуслов за пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија. Бугарската влада е посветена на формулирање јасни крајни цели што треба да се постигнат пред завршувањето на преговарачкиот процес за членство на Република Северна Македонија во Европската унија. И, исто така, специфични привремени цели што треба да се решат во секоја последователна фаза на овој процес на преговарање, со јасни одредници. Таквиот став треба да се претстави пред бугарскиот парламент., за тој да биде свесен за тоа, рече Радев.

Тој додаде дека особено внимание треба да се посвети на наставните планови, учебниците, натписи во музеи и плакети, како и ставовите на јавните медиуми. Постигнување на европско добрососедство мора да биде основниот критериум за успешен процес на преговори, оцени Радев.

Бугарскиот претседател смета дека треба да бидат поставени „црвени линии“ кои ќе гарантираат дека европската интеграција на Република Северна Македонија нема да биде на сметка на употребата на бугарската историја, јазик и идентитет, пренесува БГНЕС. Тој оценува дека е потребно на самиот почеток на преговарачкиот процес отворено да бидат поставени услови, од кои ќе зависи преминувањето во следната етапа од преговарачкиот процес.

– Една таква отворена, фер и конструктивна позиција не само што ќе го заштити бугарскиот национален интерес, туку ќе биде од корист и за Европската унија, затоа што нема да дозволи внесување на меѓусоседски проблеми во европското семејство и ќе ја покаже зрелоста и одговорноста на Бугарија за стабилноста на Унијата. Исто така, ќе биде од особена корист за самата Република Северна Македонија, бидејќи јасно ќе воведе европски критериуми и одржливост на процесот на европска интеграција, рече бугарскиот претседател.

Радев информира дека на денешната средба било дискутирано и за „ер полисинг“ на воздушниот простор на Република Северна Македонија.

– Имаме принципиелна согласност дека бугарската влада ќе ги искористи сите механизми во рамките на НАТО, како и дијалог со нашите партнери, така што ќе го преземе својот дел од одговорноста и ќе се вклучиме во таквите дежурства на ротациона основа. Имаме и средства и можности да го сториме тоа… Ова ќе ја покаже конструктивната и одговорна улога на Република Бугарија на регионален и сојузнички план, заклучи бугарскиот претседател по денешната консултативна средба.

„Ер Полисинг“ е мирнодобска задача на НАТО, која вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили за заштита на воздушниот простор на земјите членки на НАТО.

Поврзани новости