Радев: Да се заштитат Бугарите во Македонија

by Fokus

Бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со шефовите на бугарските специјални служби побара да се преземат навремени мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани надвор од Бугарија, кои се изложени на напади само поради нивната национална самосвест, јави дописникот на МИА од Софија.

На средбата, како што соопштија од кабинетот на Радев, присуствувала и заменичката на претседателот, Илијана Јотова.

Повод за средбата е писмото кое бугарскиот Кабинет на претседателот го добило од Културниот центар „Иван Михајлов“ – Битола и од други граѓани на Македонија кои се определуваат како локални Бугари и поради, како што се наведува во соопштението, зачестените појави на повреда на нивните права само поради фактот што се определуваат како етнички Бугари.

На средбата, се додава во соопштението, бил разгледан и случајот во Струмица, со нападнатите граѓани кои се определуваат како Бугари.

Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи на Софија, соопшти дека бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов и специјалниот претставник на Владата на Република Македонија за Бугарија, Владо Бучковски разговарале за актуелната соработка меѓу Софија и Скопје.

При разговорот најголем акцент бил ставен на врските во областа на медиумите, образованието, културата, здравствената заштита и инфраструктурните проекти.

Особено внимание било посветено на подготвеноста на двете земји за изградба на граничниот контролен пункт „Клепало“ меѓу општините Струмјани и Берово.

Поврзани новости