Qëndrim Rijani

by fokus 12:23
12:23

Многу претстави, меѓу нив и доста добри, не сум ги изгледала до крајот: едноставно, попримам колку ми е доволно и излегувам на воздух. „Опера за три гроша“, која го собра на сцена вкупниот ансамбл на Тетовскиот театар, ме закова за столчето повеќе од три часа. Потоа, Градот изгледаше поинаков, свечен: она чувство дека уметноста е магија.

Пишува: Линдита КАДРИУ

Кога по неговиот престој влегов во станот, воздухот навестуваше дека таму живеел уметник.

По интензивните два месеца работа со Тетовскиот театар, а само спиење и понекоја сиеста во домот, енергијата што ја остави зад себе Qëndrim Rijani беше речиси дофатлива. Не сакав да проветрам, да не се шмугне од прозорците.

Оттогаш, ми стана уште поблизок.

Поминаа две години, ете ти пандемија, затворени врати на институциите. Се подготвуваше Брехтовата „Опера за три гроша“, првите проби онлајн. Театарот ја црпи силата во живата комуникација, затоа современите начини на пренос се само супститут. Сите што сме пробале да изгледаме пиеса на екран, сме го почувствувале тоа.

МУ ЛИЧИ ДА ГИ КРШИ ПРАВИЛАТА

Во културниот клуб на градот и по други тераси, режисерот и големата група актери, со страсните дискусии со кафе, или со нирвана седенките, го обоија тоа лето во заспаниот град. Уживав да ги гледам од соседната маса. Однапред се знаеше – на крајот ќе испадне добро. Qëndrim Rijani нема осредна претстава.

Многу претстави, меѓу нив и доста добри, не сум ги изгледала до крајот: едноставно, попримам колку ми е доволно и излегувам на воздух. „Опера за три гроша“, која го собра на сцена вкупниот ансамбл на Тетовскиот театар, ме закова за столчето повеќе од три часа. Потоа, Градот изгледаше поинаков, свечен: она чувство дека уметноста е магија, ти ги наострува сетилата, ги видоизменува нештата, избиструва и замаглува, те прави поемпатичен и светот ти станува поблизок.

Неговата пиеса насловена „+18“ со Театарот на Ѓаковица беше прогласена за претстава на 2021 на Косово. Во овие 10 години творештво со 20 проекти, меѓу нив и првата опера на албански јазик во Македонија, признанијата што ги освоил за најдобар режисер, најдобра претстава итн., би го зазеле целиов текст.

Актерите што работеле со него, ќе речат: храбар, исклучително информиран, неуморлив трагач, бескомпромисен…

Тој го владее занаетот и му личи да ги прекрши правилата.

Илустрација: Жени го работеше со седум актерки, кои паралелно со текстот внесуваа лични прикази, соголување на свои трауми, чувствителни теми за кои не се зборува на глас, кои е тешко да ги замислуваш, а камоли да ги следиш на сцена. Уште не сум смогнала сила да ја гледам, а години поминале.

Дечкото е, кратко кажано: талентиран, речит, воркохолик и страшно љубезен.

НЕГОВОТО ЧИТАЊЕ НА БРЕХТ

По уште едно негово читање на Бертолд Брехт, овојпат со Битолскиот театар, очекуван беше одекот на публиката, на познавачите на театарската уметност, а сигурно и критиката ќе се огласи. Во најавата за првата реприза на „Артур Ви“ стои дека тоа е претстава за која долго ќе се зборува и памети.

Сликите од драмата за поединецот во вртлогот на моќта, незаситните амбиции и корумпираното владение изгледаат импресивно.

Често сум престојувала во Битола и сешто убаво сум доживеала. Најградскиот град, како донесен однекаде, како да не му е местото во Македонија. Деновите ми почнувале во чаршијата, таму ручеци, таму кафиња, додека не зајде.

Неколку промовирања на книги биле повод да се тргне туку-така и еден главен лик во настаните за кого другпат ќе раскажам.

Последните пати одев со модерен, чудно чист воз, и како што обично бива, безброј глетки од прозорецот се нижеле. Патувањето со воз е асли патување.

Така ќе одиме на следното прикажување на Артур Ви, во режија на Qëndrim Rijani и во изведба на Битолскиот театар.

Поврзани новости