Путин во Ерменија пречекан со улични протести: Не за војната

by Фокус

Рускиот претседател Владимир Путин беше пречекан со улични демонстрации во главниот град на оваа јужнокавкаска земја, кога дојде на разговори со членовите на воената алијанса предводена од Москва.

Стотици Ерменци и Руси емигранти учествуваа на дводневните митинзи во центарот на Ереван во знак на протест против посетата на Путин, со слогани како „Путин е убиец“ и „Не за војната“.

-Мораме да покажеме дека не сите Руси го поддржуваат ова – рече Сергеј, ИТ-работник што неодамна се преселил во Ереван, додека присуствуваше на демонстрациите против војната во Украина, пренесува Москва тајмс.

Студениот пречек за Путин на неговото прво патување во Ерменија од 2019 година е резултат на воената инвазија во Украина, поради која рускиот лидер изгледа сѐ поизолиран на светската сцена – а Русија се бори дури и да го задржи своето влијание во поранешните советски држави во Централна Азија и Кавказ.

Додека беше во главниот град на Ерменија, Путин присуствуваше на самитот на шефовите на држави на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ЦСТО) – воен блок што ги вклучува Русија и Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан – и требаше да се сретне со ерменскиот премиер Никол Пашињан.

-Јасно ни е дека нашата заедничка работа во рамките на ЦСТО носи видливи практични резултати и помага да се заштитат националните интереси, суверенитет и независноста на нашите земји – рече Путин на собирот.

Сепак, Пашињан во својот поздравен говор ја нападна Алијансата ЦСТО за нејзината неактивност во тековниот конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан.

-Досега не успеавме да донесеме одлука за реакцијата на ЦСТО на агресијата на Азербејџан против Ерменија – рече Пашињан.

Поврзани новости