Пулексенија Јованоска, најуспешна каратистка за 2020 година: Не е лесно да си жена спортист во Македонија!

by Fokus

Македонската каратистка Пулексенија Јованоска од Прилеп на почетокот на овој месец беше прогласена за најдобра за 2020 година. Во интервју за „Фокус“, таа ни раскажа како изминала 2020 година, која за жал, помина во знакот на пандемијата од корона вирусот. Сепак, таа нашла време и за нејзин личен напредок во сферата на каратето како спорт.

Со оглед на тоа што зад себе јас, како и сите други спортисти оставивме тешка година. Свесни за тоа колку е напорно да се вежба со отежнати услови. Убаво е да се каже дека јас за среќа во првите три месеци од 2020 година настапив на неколку турнири и ете успеав да постигнам резултати и да се задржам во најдобрите 50 во светот. Исто така се одржа и државно првенство на кое бев државен првак. Овие резултати постигнати до месец март, уште еднаш покажаа дека го „чувам“ местото каде што сум изминатите 10 години. Токму поради тоа наградата ми е со огромно значење, бидејќи моите континуирани резултати и награди ми даваат силен мотив да продолжам да бидам најдобра во тоа што го правам“, го започна разговорот Јованоска.

Во услови на пандемија не е воопшто лесно да се тренира, а камоли да се одржуваат било какви натпревари, кога светот се бори со опасен непријател. Паузирањето од натпреварите било најтешкиот дел за оваа каратистка.

 

Процесот на натпревари беше стопиран, па така бев посветена само кон тренажниот процес. Заедно со моите тренери баравме начини за задржување на мотивот и желбата за натпревар. Континуираност на тренинзи како и одржување на формата во текот на целата година беше моја главна точка на која што бев насочена. Не беше лесно да останам мотивирана, бидејќи како олимписки стипендист изминативе години „бркам“ олимписка норма, и постојано бев во натпреварувачки циклус“, додава таа.

Иако каратето донесе многу трофеи во Македонија во изминатите неколку години, сепак овој спорт не ја ужива популарноста како фудбалот, ракометот или кошарката. Поради тоа, спортските федерации треба да преземат иницијатива за создавање на медиумски простор за овој спорт.

Не сметам дека каратето не е привлечно за публиката. Индивидуалните спортови и спортисти секогаш биле ставени во сенка иако секогаш најдостојно ја радувале нашата држава. Спортистите секогаш биле најдобар пример за правилен раст и развој на едно дете“, вели Јованоска.

Да се биде жена спортист во Македонија воопшто не е лесно, но позитивна работа е што дуваат убави ветришта за оваа ситуација.

 

Реалната слика е дека до сега жените спортистки не уживале исти права и привилегии. Но, ме радува фактот што се чувствува подобра клима на оваа тема во нашата држава. Позитивна клима, имаме поддршка, треба да се стави фокус на ова прашање, да се зголеми бројот на жени тренери, лидери во спортот, раководни функции. Се чувствува напредок, има расположение за промени и тоа ме радува. „Жртвата” за успех е огромна, затоа мора да се подига свеста во општеството и кај женските спортистки да ги бараат своите права, да не молчат кога се несоодветно третирани“, смета оваа спортистка.

Честопати, дел од спортистите решаваат да ја бараат среќата надвор од Македонија, но не мисли така и Јованоска. Таа се гледа во иднина тука, да им го покаже патот на помладите генерации.

Горда сум за сите освоени трофеи за нашата држава. Сите признанија, оскарите за најуспешна млада спортистка, оскарот за најдобра спортистка на Македонија. Оскарот што ми е од особено значаен од организацијата ТАКТ – најуспешна спортистка во индивидуален спорт. Од 2010 година сум дел од сениорската карате репрезентација, од тогаш до денес сум прогласувана за најдобра каратистка во својата категорија. Носител сум на првиот и се уште единствен историски медал во индивидуална категорија – млади сениорки – ката. Прогласена за спортист на Прилеп – мојот роден град. И кога ќе погледнам зад себе, свесна за тоа колку многу сум вложила во каратето, благодарна сум за секое признание, поддршка и почит што ми ја даваат моите луѓе тука. Потребна сум за новите генерации кој што сакаат да го одат мојот пат. Ме радува бројката на каратистки и каратисти. Сакам сето мое знаење и искуство да го пренесам на новите млади надежи кој што се надевам ќе ги постигнат и надминат моите спортски резултати“, го заврши разговорот Јованоска.

Фото – Томас Касерер

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости