Психијатарот Аризанкоска Ефтимова: Со социјалните мрежи, младите се повеќе се изложени на насилство!

Нема потреба од претерана заштита и строгост на родителите кон децата

by Fokus

Меѓуврсничкото насилство кај децата и младите отсекогаш постоело и постојано е актуелна тема во општественото живеење. Речиси сите земји се соочуваат со овој проблем, па така и Македонија, каде се почесто сме сведоци на малтретирани ученици од своите соученици.

И покрај многуте апели од социолозите и психолозите, очигледно е дека овој проблем во нашата земја тешко се надминува и допрва ќе се соочуваме со различни инциденти кај младите.

Биљана Аризанкоска Ефтимова, спец. психијатар и раководител на Завод за ментално здравје за деца и младинци „Младост“ – ЗД Скопје, за „Фокус“ говореше за оваа проблематика, додавајќи дека тука сериозна улога имаат и самите родители.

„Живееме во култура на непочитување, непристојност и насилство.Откако социјалните мрежи станаа дел од нашето секојдневие, младите се почесто станаа изложени на насилство. Децата кои порано трпеа врсничко насилство само во училиштата, веќе не се чувствуваат безбедни ни дома“, го започна разговорот Ефтимова.

Според неа, насилничкото однесување се манифестира на многу различни начини кои оставаат сериозни последици кај жртвите на ова насилство.

„Физичко насилство, кога станува збор за нанесување физички повреди и болка, удирање, туркање, кубење, штипење, несакани допирања. Вербално насилничко однесување кое се манифестира со исмевање, уценување, омаловажување, оговарање, нарекување со погрдни имиња, заканување, изнудување пари. Социјална изолација кога има намерно исклучување од кругот на пријатели, игнорирање, правење гестикулации и гримаси. Сајбер насилничко однесување кога постои испраќање на навредливи пораки, уцени, говор на омраза, објавување на лажни вести и изјави, изразување на сексуални намери и понижување преку социјалните мрежи“, додава таа.

Последиците од булингот се сериозни и прават жртвите да се чувствуваат несигурни, да бидат сериозно повредени емоционално.

„Последиците од преживеано насилство може да се манифестираат со: повлеченост, осаменост и избегнување на дружење со своите врсници (детето е главно само во школскиот двор во тек на одморите, не се вклучува во заедничките ниту во спортските активности). Често детето е раздразливо, напнато со склоност да реагира со плачење. Кога доаѓаат на преглед кај децата и младите кои што доживеале врсничко насилство се следи намалена самодоверба и самопочит, недоверба кон другите, нарушување во однос на вниманието, пад на училишниот успех. Се губи мотивацијата за одење во училиште. Често се жалат на соматски потешкотии иако се физички здрави. Се оплакуваат на болки во стомакот, главоболки, потешкотии при дишење. Често се јавуваат нарушувања во исхраната и сонот, ноќно мокрење, неконтролирани столици“, смета Ефтимова.

Децата додека се во училиште не се чувствуваат сигурни, а жртвите на насилството се изложени на ризик од самоубиство.

„Многу фактори придонесуваат за ризик од самоубиство како што се депресија и други психијатриски состојби, семејни проблеми како и историја за доживеана тарума. Овој ризик дополнително се зголемува кај деца кои имаат чувство дека не добиваат доволно поддршка и разбирање од семејството, врсниците, училиштето. Насилството кое што го доживеале може само ја влошува ситуацијата кај младите без поддршка“, појаснува нашата соговорничка.

Предизвикувачите на насилството кај врсниците имаат свои причини зошто го прават тоа, кои секако, во никој случај не се за оправдување.

„Постојат повеќе фактори кои придонесуваат некои млади да се однесуваат насилнички. Тука се; факторите на врсниците: некои млади насилници се трудат да го подигнат својот статус во нивната врсничка група, да се вкполат во неа, да ја покажат својата верност, да покажат кој е дел а кој не од таа група. Семејните фактори се исто така важни во која насока една личност ќе се развива. Некои силеџии и самите доаѓаат од семејства каде што има малтретирање, насилство и агресија. Немаат доволно емоционална поддршка и комуникација со своите родители/старатели. Или пак возрасните се премногу благи или нивната вклученост во животот на своите деца е многу слаба“, додава таа.

Исто така, вели Етимова, некои млади малтертираат ако и самите биле жртви на врсничко насилство или кога проблемите во однесувањето на поединци и малтретирањето не се соодветно решени. И едните и другите односно и оние кои што напаѓаат и оние кои што се нападнати имаат потешкотии при прилагодување во социјалната средина. Оние деца кои што доживеале сајбер насилиство, појаснува таа, може да имаат чувство дека сите ги напаѓаат, дури ни кога се дома не се чувствуваат безбедно, а може да имаат чувство и дека „им нема спас“.

Односот помеѓу децата и родителите има огромно значење за формирање на позитивна слика за себе, постигнување на доверба и самопочитување.

„Претерана заштина на децата од страна на родителите/старателите како и претерана строгост оневозможува развивање на зрели форми на однесување на децата во однос на нивната возраст. Воспоставување на јасни граници и почитување на децата им овозможува да развијат толеранција и да стекнат самодоверба што ќе им послужи да најдат начин како да се заштитат. Градењето на взаемна доверба е единствениот пат како родителите би имале увид во светот на своето дете. Кога детето има потреба, родителите треба да му пружат поддршка и да му помогнат“, истакна Ефтимова.

На младите со насилничко однесување потребна им е помош и поддршка како би се справиле со своето однесување. Родителите, наставниците, стручните училишни служби и професионалците за ментално здравје треба да работат со нив за да им помогнат да развијат здрави училишни и врснички врски и да научат нови социјални и емоционални вештини.

„Во однос на училиштата, неопходни се јасни механизми за борба против врсничко насилство на ниво на училиштето односно на општеството во целина. Потребно е да постојат стандардизирани модели за борба против врсничко насилство. Врсничкото насилство не е проблем само на ученикот кој што го доживеал истото и на неговото семејство. Тоа е проблем на училиштето, на општеството во целина. Училиштето е место каде што учениците треба да се чувствуваат сигурно, безбедно, почитувано, среќно. Да другаруваат и да бидат спремни за усвојување на нови знаења, а не да се повредуваат“, го заврши разговорот нашата соговорничка.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости