Првиот авион од Истанбул слета во Охрид

by fokus

Со лет на авиокомпанијата „Онур Ер“ од Истанбул денеска на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ пристигна првата група од 180 турски туристи што организирано ќе летуваат на Охридско-струшката ривиера.

Станува збор за прв директен чартер лет од Истанбул што ќе се реализира во текот на престојната туристичка сезона, а авионите на „Онур Ер“ ќе сообраќаат еднаш седмично на дестинација Охрид, носејќи туристи од Турција што ќе летуваат тука преку аранжманите на турскиот тур-оператор „Татилбудур“.

Првите гости на охридскиот аеродром за сезоната 2018 ги пречека министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, посакувајќи им пријатен престој во Македонија. Според него, директната авионска линија до Истанбул е чекор во насока на дополнително унапредување и зајакнување на врските со турскиот народ.

– Туристичкото и културното богатство на Охрид и Македонија се дополнителен мотив што поголем број туристи да дојдат тука и да се запознаат со нашата традиција, рече Сугарески.

Владата, додаде, е максимално посветена на унапредување на авиосообраќајот во земјата и регионот, а воспоставувањето на авионската линија со Истанбул е потврда за атрактивноста на Македонија за авионските компании.

– Сакам да најавам дека во најскоро време ќе го објавиме јавниот повик за финансиска поддршка на нискобуџетни авиокомпании кои ќе понудат нови авиолинии, со што ќе овозможиме македонските граѓани да летаат по ниски цени кон многу метрополи, а охридскиот аеродром дополнително да го ставиме во функција, да ги искористиме неговите капацитети и да овозможиме што повеќе туристи да ја посетат Македонија, рече Сугарески.

Поврзани новости