Прва победа на белградските студенти, ќе се преиспитува докторатот на министерот Мали

by fokus

Претставниците на студентите од здружението „Еден од пет милиони“ соопштија попладнево дека утре на ректорката на Белградскиот универзитет (БУ), Иванка Поповиќ ќе и ги предадат клучевите на Ректоратот, откако таа го исполни договорот и го прецизираше 4 ноември како датум кога ќе се реши прашањето за контроверзниот докторат на министерот за финансии Синиша Мали.

– Денеска направивме еден многу важен чекор, остваривме една победа, ова е пред се и најголема победа за студентите кои 12 дена се во блокадата на Ректоратот и кои презедоа иницијатива да го решат овој проблем. Но ова е победа и за Универзитетот во Белград и за целата академска заедница, изјави студентката Мила Јовановиќ, која додаде дека БУ покажа дека е единствената слободна институција во Србија и дека е добиен конкретен датум со што веќе нема да се може да се одрекува одговорноста.

Поповиќ претходно денеска, по состанок со студентите, со соопштение, наведе дека сомнителноста на докторатот и бавноста во одлучувањето за валидноста на докторатот за министерот за финансии Синиша Мали го нарушиле угледот на БУ и затоа е во интерес на сите членови на академската заедница да се реши ова прашање што е можно поскоро.

„Како ректор на БУ, јас прифаќам морална одговорност и стојам со моите студенти кои 12 дена престојуваат во зградата на Ректоратот и се борат за автономијата и угледот на Универзитетот“, се наведува во соопштението на Поповиќ.

По ова изјава на ректорката на БУ, реагираше претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој од ООН во Њујорк изјави дека ја „поддржува љубовта меѓу ректорката на БУ, Иванка Поповиќ и студентите од здружението „Еден од пет милиони“ што го блокираа ректоратот“, како и дека „е супер што Поповиќ 15 дена не влегла во нејзината канцеларија.“

Реагираше и претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП) Драган Ѓилас кој изјави дека е срамно што претседателот на една држава го „навредува“ ректорот на државниот универзитет и дека е „дополнително срамно“ тоа да го прави од зградата на Обединетите нации (ООН) во Њујорк.

Поврзани новости