Прв телефонски разговор меѓу Путин и Бајден, разговарале и за труењето на Навални

by Фокус

Новиот американски претседател, Џо Бајден, денеска го одржал првиот телефонски разговор со својот руски колега Владимир Путин, пренесе Белата куќа.

„Владимир Путин му честита на Џозеф Бајден за почетокот на работата во својство на претседател на САД. Истакна дека нормализацијата на односите меѓу Русија и САД би била од интерес на двете земји и со оглед на нивната одговорност за одржување на безбедноста и стабилноста во светот тоа би било од интерес и на меѓународната заедница“, се вели во соопштението за разговорот што го објави Кремљ.

Прес секретарката на Бајден, Џен Псаки, рече дека тој го почнал телефонскиот повик со намера да разговара за СТАРТ (договорот за ограничување на стратешкото нуклеарно вооружување), кој администрацијата на Бајден се надева дека ќе го продолжи, руската агресија во Украина, кибер-нападот на „Солар виндс“, извештаите дека Русија давала награди за елиминација на американски војници што служат во Авганистан, мешањето на Москва во претседателските избори во САД и труењето на Алексеј Навални.

„Неговата намера беше да разјасни дека Соединетите Американски Држави ќе дејствуваат цврсто во одбрана на нашите национални интереси како одговор на малигните активности на Русија“, рече Псаки истакнувајќи дека повикот се случил за време на нејзиниот брифинг и дека поцелосно резиме ќе објави подоцна.

Поврзани новости