„Протестирам“: Иванов со одлуката за помилување му го свртевте грбот на сопствениот народ

by Фокус

„Протестирам“ денеска на Фејсбук упати порака до претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Нивната реакција ви ја пренесуваме во целост:

Повеќе од еден месец неуморно чекориме во секое сокаче на Македонија, и колку што не држи глас извикуваме „ПРОТЕСТИРАМ“.

Изложени сме на репресија, но нема таков страв кој може да го надмине нашето чувство на гадење и бес од она што ти го направи на 12 април, и што историјата ќе го запамети како укинување на правната држава, и доведување во прашање на самата државност на Македонија. За тоа, ќе мора да понесеш одговорност. Ние, граѓанките и граѓаните кои веќе не простуваат, не преговараат и не попуштаат не дозволуваме помилување на оние кои ги загорчиле нашите животи! Притоа, знај дека во првите редови на нашите протести се токму твоите поранешни студентки и студенти, некои од најдобрите дипломци и пост-дипломци на Правниот факултет и катедрата по Политички науки, кои впрочем се и најгласни во барањето на твојата одговорност! Особено важни ни се лекциите по предметот Цивилно општество кој ти го предаваше, лекции кои за жал стигнавме ние да ти ги одржуваме тебе! Тука се и дел од твоите некогашни ментори, и дел од оние кои те поддржаа при првата кандидатура за Претседател! А, согласно анкетите на Институтот кој ти го основаше, зад нас стои мнозинството на граѓанќите и граѓаните на Републиката“.

Со одлуката за помилување на десетици осомничени за корупција, местење избори, прикривање убиства и останати тешки криминали, му го свртевте грбот на сопствениот народ, ги погазивте законите, ја саботиравте Македонија и официјално го легализиравте владеењето на криминалците.