Протести во Стокхолм против мерките, повреден еден полицаец

by Fokus 20:55
20:55

Шведската полиција растури стотици противници на мерките воведени за спречување на ширењето на коронавирусот, а протестите во главниот град Стокхолм се организирани и покрај забраната за големи собири.

Полицијата го блокира мостот во центарот на градот и на својата веб-страница објави дека преговара со организаторите на митингот, обидувајќи се да издејствува демонстрантите да се растурат без интервенција.

- Advertisements -

На ТВ-снимките се гледа како полицијата ги растерува и оттурнува некои од демонстрантите, а според полицискиот извештај, еден од нивните членови е полесно повреден и пренесен во болница.

„Полицијата донесе одлука да го запре неовластениот собир што е во тек“, е објавено денеска на веб-страницата на полицијата во Стокхолм.

Претходно оваа недела, организаторот на протестите Филип Сјострем за локалните медиуми изјави дека очекува околу 2.000 луѓе да се приклучат на демонстрациите, објави на Фејсбук.

Според ТВ-снимките, се собрале неколку стотини жители на главниот град, а според шведскиот дневен весник Dagens Nyheter, демонстрантите пристигнале од различни делови на Шведска, земја во која е на сила забраната за јавни собири на повеќе од осум лица.

Нордиската држава, која има 10 милиони жители, вчера регистрира 4.831 нови случаи на инфекција со коронавирус и 26 нови смртни случаи. Досега, вкупно 13.003 лица починале како резултат на ковид во Шведска.

Владата минатиот месец објави дека ќе го скрати работното време на рестораните, баровите и кафулињата и ќе ги заостри мерките поврзани со бројот на купувачи, обидувајќи се да спречи трет бран на пандемијата.

Шведската влада на левиот центар постепено ги заостри ограничувачките мерки од крајот на минатата година, но дотогаш им дозволи на повеќето училишта, ресторани и деловни активности да останат отворени. Почитувањето на предложените мерки во оваа земја е доброволно од самиот почеток.

 

 

Поврзани новости