Протест за оставка на Тодоров

by Фокус

Граѓанската иницијатива „ТодорОФФ“ и граѓанската платформа „АЈДЕ!“ ги повикуваат сите граѓани и граѓанки, в понеделник, на 21 декември 2015 година, во 18 часот, да дојдат пред Собранието на Република Македонија и масовно да учествуваат на протестот за оставка на министерот за здравство Никола Тодоров.

„Мора да има одговорност за системот кој убива, наместо да лечи! Затоа ајде масовно да му порачаме на министерот „Смрт“ дека дојде времето да ја понесе одговорноста и да си замине од оваа функција.

Ние, граѓаните сме свесни дека неговата оставка нема да ја врати малата Тамара, ниту пак, ќе ги врати сите оние кои го изгубија својот живот во лавиринтите на здравствениот систем. Но во исто време сме свесни дека мора да направиме сѐ за да ги спречиме новите жртви на смртоносните реформи на Тодоров и за да добиеме здравствен систем кој квалитетно и ефикасно ќе се грижи и ќе ги лекува пациентите. На граѓаните им треба министер кој нема да го користи нивното здравје за потребите на дневните партиски политики.

Министерот за здравство Никола Тодоров во својот мандат остави наследство од загубени и уништени животи. Затоа, ги повикуваме сите граѓани и граѓанки да дојдат в понеделник пред Собранието на РМ, за сите гласно да порачаме дека Тодоров мора да замине и да одговара“ се вели во соопштението.

Поврзани новости