Протест во Тетово против изградба на казино

by fokus

Со предупредувачка блокада на булеварот „Илинденска“’ во близина на крстосницата со регионалниот пат за Брвеница дел од жителите на Тетово од овој крај на градот го изразија својот протест поради најавеното отворање на ново казино во оваа населба. Тие носеа транспаренти Библиотека – не казино, Тетово има потреба од јавен превоз а не казино, Стоп за упропастувањето на младите и слично.

Според членот на иницијативниот одбор на оваа граѓанска активност Јуши Емурлаи, тие како жители на околните куќи и згради категорично се против отворање на казино тука за што ги известиле министерствата за економија и финасии, како и УЈП, МВР и општина Тетово.

– И покрај ветувањата од пред 18 месеци од сите наведени институции дека нема да дозволат отворање на ова казино тоа остана на празни зборови. Фактичката состојба покажува дека на терен работите продолжуваат. Ние имаме доставено и петиција за спречување на отворањето на казиното во урбана средина и бараме од сите институции да ја спречат оваа девијанта појава во нашето општество, бидејќи казината се како рак на нашиот град и продолжуваат да се појавуваат секојдневно во нашето општество, рече Емурлаи.

Тој најави дека доколку не се забрани отворањето на казиното протестите ќе продолжат и оти тие како организатори ќе се обидат да ја разбудат и пошироката општествена заедница за и постоечките казина да бидат оддалечени најмалку три километри од населените места.

На протестот учествуваше и професорот по психологија од ДУТ Љуљзим Муртезани, според кого, отворањето на казино на посоченото место во непосредна близина на двата универзитети, како и две средни училишта во Тетово земјоделското и медицинското ќе има многу штетно влијание врз учениците, студентите и младите.

Поврзани новости