Протест во Софија против одлуката на БПЦ да не учествува на прославата во Охрид

by fokus

Триесетина граѓани протестираат утринава пред Синодот на Бугарската православна црква против одлуката на бугарските владици да не учествуваат на прославата по повод 1000-годишнина од основањето на Охридската архиепископија на 27-ми мај во Охрид. Тие бараат Светиот синод да одржи вонредна седница на која ќе биде преразгледана одлуката.

Демонстрантите носат бугарско знаме и транспаренти на кои пишува: „Не плашете се да бидете мајка црква на Охридската архиепископија“. Одлуката била донесена во отсуство на патријархот Неофит, кој претходно прифати БПЦ да биде мајка црква на МПЦ.

– Зад грбот на патријархот Неофит бил направен заговор под надворешен притисок. Треба да се провери странското влијани врз бугарските институции кои работат како држава во држава во корист на туѓи интереси. Одлуката на синодот е донесена под странски диктат – изјави Милен Врабевски, претседател на фондацијата „Бугарска памет“ која го организира протестот.

Според нив специјално создадената комисија за прашањето БПЦ да стане црква-мајка на МПЦ е нефункционална.

„Нема никакви дејствија за последните 10 години по прашањето за духовно единстве на двата народи. Донесената одлука на последната седница е во целосна спротивност со ветеното од Светиот синод пред само шест месеци и категорично демонстрира сервисирање на надворешни антибугарски интереси“, велат од Фондацијата.

На 14-ти мај осум архиреи го поддржаа предлогот на Русенскиот митрополит Наум, Светиот синод на БПЦ да не испраќа делегација во Македонија. Одлуката беше донесено во отсуство на патријархот Неофит, кој се уште е во болница.

Според Фондацијата двајца бугарски архиреи добиле забрана да присуствуваат како посетители на прославата.

Фото: dnevnik.bg

Поврзани новости