Протест во Софија и апел до Макрон: Триумфалната порта во Скопје можеби ве чека вас

by fokus

Пред амбасадата на Франција во Софија се најавува протест, кој ќе се одржи денеска, а против одлуката на францускиот претседател, Емануел Макрон, кој ги блокираше интеграциите на Македонија во ЕУ. Протестот е најавен на фејсбук како „Европска инднина за Македонија“, а ќе почне во 18.30 часот.

Организаторите бараат еднаква шанса за Македонија и апелираат до Макрон да ги почитува и примени европските вредности во одлуката за проширување на ЕУ.

„Отсуството на Европа од овој регион ќе значи навлегување на други сили непријателски настроени кон Европа. Одлуката за неотворање преговори со Северна Македонија е особено опасна за самата земја, на која и се заканува сега политички хаос и антиевропски движења“, предупредуваат организаторите на протестот.

Тие потсетуваат дека од Франција извираат основните  вредности на ЕУ, како што се слобода, еднаквост и мир.

„Ние веруваме дека Франција отсекогаш беше моторот на Европа. Очекуваме да не се откажете од оваа улога и да ги преиспитате своите позиции кон Северна Македонија. Не е познато зошто е подигната Триумфална порта во центарот на Скопје? Можеби вас ве чека? На Европа и требаат лидери, можете да бидете новиот Де Гол. Освојте ги срцата на граѓаните на Северна Македонија и ќе уживате во вистинска победа за сите европски граѓани“, стои во апелот на организаторите до Макрон.

Поврзани новости