Протест во Митровица поради забраната на српскиот референдум во Косово

by Fokus

Српските претставници, главно вработени во јавните институции финансирани од Србија, денеска се собраа во центарот на Митровица за да протестираат против одлуката на косовските власти со која не дозволуваат одржување на референдум во Косово за промена на Уставот на Србија. Протести се одржаа и во неколку други општини во Косово со мнозинско српско население.

И покрај повикот на неколку западни земји да дозволат гласање на референдумот, косовскиот парламент на 15 јануари усвои Резолуција против одржување на српски референдум во Косово.

Во Резолуцијата, меѓу другото, се вели дека единствен став на Собранието на Косово е дека со организирањето на референдумот на Србија во Косово, се нарушува суверенитетот и уставниот поредок на Косово и дека е спротивно на Уставот и законите на Косово, како и спротивно на меѓународните стандарди.

Претседателот на Српската листа Горан Ракиќ на протестот во Северна Митровица рече дека „Србите на 3 април ќе гласаат на изборите што ги распиша Србија“ и најави воведување на реципроцитет кон Приштина од северно Косово, без да се прецизира што би значел тој реципроцитет.

Ракиќ ја повика Европската унија и другите меѓународни актери „да им дадат право на глас на Србите во Косово“.

Тој изјави дека Србите од Косово „нема да дозволат Приштина да ги третира како граѓани од втор ред“, нагласувајќи дека правото на глас е основно човеково право загарантирано со сите меѓународни норми и прописи, вклучително и со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

Во Србија денеска се одржува референдум на кој српските граѓани можат да се изјаснат дали се за промена на Уставот во областа на правосудството. Овој референдум е неопходен за Србија за да го усогласи српското законодавство со европското во процесот на пристапување на Србија во ЕУ.

Преамбулата на актуелниот Устав на Србија, во која се вели дека „Покраината Косово и Метохија е составен дел на територијата на Србија“, нема да биде предмет на овој референдум.

Поврзани новости