Протест против Панорамското тркало: Скопје не е Дизниленд

by Фокус 09:09
09:09

На социјалната мрежа Фејсбук се организира протест кој е најавен за в четврток (20 август) во 18 часот насловен како „Скопје не е Дизниленд“.

Повикот се однесува на сите граѓани кои сметаат дека народните пари непотребно се трошат а при тоа се грди изгледот на метрополата. Во повикот се наведува:

- Advertisements -

„Драги сограѓани, ве повикуваме на мирен протест и граѓанско собрание во 18 часот, четврток 20-ти август 2015, на мостот каде треба да почне изградбата на панорамско тркало. Во четврток сакаме да им порачаме на одговорните дека СКОПЈЕ НЕ Е ДИЗНИЛЕНД и ова лудило МОРА да сопре.

Продолжуваат да се градат контроверзни зданија и споменици без соодветна јавна дебата и консултација со жителите на овој град.

Ние не сакаме нашите поколенија да отплаќаат долгови со непоимливи камати за оваа естетска и политичка катастрофа.

Кога во градот имаме над 30 проценти невработеност, незадоволителна инфрастуктура и илјадници луѓе на минимална плата од 8.000 денари кои немаат доволно ни да си ги прехранат фамилиите, на Скопје не му требаат нови долгови и идеолошки Дизниленд.

На Скопје му треба модерна инфрастуктура и прогресивни идеи за развој на економијата и соживот.

Придружете ни се на граѓанско собрание за да започнеме разговор за излез од овој као-антички, квази-барок, скопско-дизни кошмар!

За да покажеме што чувствуваме за се што е изградено од шмизлите па навака ќе носиме маски и костими. Индијанци, каубојци, кловнови, дизни карактери и карикатури, придружете ни се!“

Поврзани новости