Протест пред Собрание против двојазичноста

by fokus

Во организација на повеќе движења и здруженија, денеска во 11 часот пред Собранието ќе се одржи протест против, како што нагласуваат организаторите, антиуставниот и дискриминаторски закон за двојазичност.

Во организацијата на протестот се вклучени здружението на граѓани „Преродба“, движењето на македонските носители и бранители на државниот суверенитет „Единствениот макeдонски пат“, Движењето за цивилизациските вредности, организациониот одбор на сенародниот протест за враќање на насилно одземениот суверенитет, со поддршка од „Тврдокорни“ и „Македонски обединети сили“ (МОС). Оттаму наведуваат дека освен утрешниот, ист ваков протест ќе организираат и в понеделник (29 јануари), со почеток од 10 часот.

Организаторите ги повикуваат македонскиот народ и гласачите во земјата да се обратат од говорница пред Собранието и да ги изразат своите мислења и ставови за, според нив, наметнатиот антиуставен закон.

„Со негово изгласување се уриваат темелите на државата, што води кон нејзина дестабилизација и федерализација, ќе го разгорат меѓуетничкиот антагонизам и омразите и ќе создадат уште поголеми поделби, дискриминација на народот и разнебитување на општеството“, соопштија организаторите.

Оттаму додаваат дека протестот е продолжување и дел од сенародниот протест започнат пред 6 месеци „кон непринципиелните антимакедонски политики и одлуки на нелегалните и нелегитимните, инсталирани за спроведување на антимакедонските интереси“.

Според најавата, ќе се протестира и за „враќање на насилно одземениот народен и државен суверенитет, за спасување на македонскиот народ и на македонската држава од разнебитување и уништување со цивилизациски геноцид“.

Организаторите наведуваат дека во кампусот на бранителите деноноќно е отворен пункт пред Собранието во Паркот на жената борец, каде што засегнатите граѓани може да потпишат петиција против, според нив, нелегитимните и штетни одлуки, акти, закони, договори, меѓу кои ги наведуваат промената на името, двојазичноста и договорот за добрососедство со Бугарија, што тие не ги признаваат и ги прогласуваат за невладини“.

Поврзани новости