Протест пред Секјуриком, вработените извикуваат „Ние сме гладни“ и си ги бараат платите

by fokus

Хигиеничарки, дактилографи, обезбедување – вработени од сите услуги кои ги нуди австриската фирма Секјуриком излегоа на протест поради неисплатени плати. Пред зградата каде е сместена фирмата тие извикуваат „Ние сме гладни“, „Лопови“ и си ги бараат платите. Велат дека нема да работат се додека не им бидат исплатени.

Плата немаат земено за мај, а веќе од понеделник треба да ја очекуваат платата за јуни. Велат, веќе два месеци немаат ниту здравствено осигурување, па не се во можност да си ги земаат редовните терапии, ниту пак да овозможат здравство за своите деца.

Вработените беа повикани во канцелариите на Секјуриком на разговор. Иако првично одбија да влезат, потоа се сложија.

Инаку Секјурком овој проблем го развлекува од крајот на минатата година, кога меѓу низата скандали за кои Фокус пишуваше, почна да доцни со платите.

Овој проблем дел од вработените го пријавуваат веќе четврти пат во трудова инспекција, но како што велат, нема конкретен одговор дали и што преземаат.

Нивниот сопственик Волфганг Гампер остана и без пасош откако се најде како второосомничен во случај на финансиската полиција, истиот оној во кој екс директорот на Службата за општи и заеднички работи, Васе Доневски доби мерка притвор.

Вработените, од кои поголем дел не по своја волја преминале од СОЗР во Секјуриком се исплашени за својата иднина. Од СОЗР за Фокус не сакаа да кажат дали ќе ги примат вработените под своја капа доколку Секјуриком не го добие тендерот за чистење, одржување, обезбедување и дактилографски услуги, единствено велат, ќе се погрижеле ниту еден човек да не остане на улица.

Александар Тодески

Поврзани новости