Протест на судската администрација: Владата не сака да го признае поразот од неприменливите закони

by Фокус 19:52
19:52

Повеќе од 1.000 судски службеници од повеќе градови низ земјата, точно напладне започнаа со протест пред Собранието на Република Македонија, а потоа продолжија кон ресорните министерства и Владата. Тие порачаа дека доколку во рок од две недели, Владата, министерствата за правда и администрација, не седнат да преговараат со Синдикатот околу Законот за судска служба, тогаш ќе следуваат уште масовни протести.

-Едно можам да ви ветам, дека овие закони за административни службеници, за судски службенции итн., ќе паднат еден ден како кула од карти затоа што се неприменливи. И министрите и Владата знаат дека овие закони не чинат, ама не сакаат да си го признаат поразот. Дали ќе биде доблест ако кажат на барање на Синдикатот влегуваме во преговори? Ќе ви се срони ли бисерот? Зошто не игнорирате? Доколку во рок од две недели не добиеме повратен одговор, тогаш следуваат следните постапки со сите синдикати кои не поддржуваат, рече лидерот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Пеце Грујовски, пред Владата.

Денешниот протест беше поддржан од потписниците на „Повелбата за солидарност“, односно од Самостојниот синдикат на новинари и медиумските работници ССНМ, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Конфедерацијата на синдикални организации КСОМ, Левичарското движење „Солидарност“, Мултиетничкиот синдикат на образование МЕСО, Синдикатот на културните работници на Македонија и партијата Левица.

- Advertising -

 

Поврзани новости