Протест на хонорарците: Од 100 денари да не ни останат 65

by Фокус

Утре на пладне хонорарците јавно преку протест ќе го изразат револтот од законските измени со кои 35 отсто од хонорарите ќе мора да ги остават на државата. Протестот започнува во Жена- парк спроти Собранието на РМ, а на хонорарците ќе им се приклучат граѓанските организации, студентите и граѓаните кои новата мерка на Владата ја сметаат за некоректна и начин како од нивниот џеб да се покријат дупките во буџетот кои власта самата ги прави со ненаменско трошење на средства.

honorarci spasov

Утре на улица ќе излезат новинари, преведувачи, актери, музичари, граѓански активисти, членови на невладини организации револтирани од висината на трошоците кои ќе ги наплаќа државата, но и од грубата поделба на хонорарците- носителите на јавни функции да платат на државата само 10 отсто од хонорарите.

„Ова е флагрантна дискриминација затоа што не може така да влезете во џебот на сиромашните, на оние кои и онака живеат во мизерни услови. Не можете толку бритално да ги поделите луѓето на категории кои ќе бидат опфатени во законот, тоа е спротивно на Уставот“ – вели Џабир Дерала од невладината „Цивил“.

На протестот со транспаренти за социјална правда ќе се појави и здружението „Ленка“. И тие имаат низа забелешки на начинот и на мерката со која власта ќе зема стотина милиони евра годишно од хонорарците.

„Ако го гледаме привилегирањето на функционерите, спортистите, пензионерите тоа се коси со уставниот принцип дека сите сме еднакви пред законите . Во таа смисла законот е антиуставен  и дискриминаторски“ смета Дејан Лутовски.

Токму затоа Хелсиншкиот комитет подготвува иницијатива до Уставниот суд, затоа што според нив со овој закон се дискриминира приватниот сектор и одредени професии кои функционираат на основа на хонорари, такви се и граѓанските здруженија кои постојано активираат лица на проекти.

„Невладиниот сектор исто така функционира  на овој начин и можеби постои скриена тенденција за заслабнување на овој сектор. Меѓутоа ние не можеме да бегаме од она што претставува наша активност. Јас се надевам дека сите граѓани утре, ќе дојдат ќе застанат до нас и ќе кажат НЕ за донесување на овој закон,“ повика на протест Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.

honorarci 2

Според проценките, законските измени со кои 100-те денари сега на хонорарците им се намалуваат на 65 денари, се однесувааат на повеќе од 100 илјади граѓани  кои остваруваат приходи врз основа на  договор за дело и авторски договори. Тука не се опфатени носителите на јавни функции кои земаат хонорар врз основа на договор за вршење функција.

Поврзани новости