Протест: Ако умрам од СИДА фрлете ме пред кабинетот на Тодоров!

by fokus 17:32
17:32

Стотина активисти со протестен перформанс пред Министерството за здравство денеска го изразија револтот што од буџетот се скратени парите за лекување и превенција од ХИВ на 27 милиони денари, наместо предвидените 65 милиони денари.

Активистите носеа транспаренти„ Дозволивте епидемија на СИДА во 21 век“, Ако умрам фрлете ме пред кабинетот на Тодоров“, „Ќе не носите сите на душа“ , и „ Тодоров празните ветувања убиваат“ . Облечени во црно низ перформансот ја најавија смртта и легнати на земја извикуваа„Убијци!”.

- Advertisements -

Тие предупредија дека ако не се корегира буџетот за 2017 година за превентивните програми ќе се зголеми бројот на заразени лица со вирусот на ХИВ, а ќе се зголеми и бројот на смртни случаи.

-Ја алармираме јавноста дека секој нов смртен случај од ХИВ во Македонија ако ништо не се промени ќе биде директна одговорност на министерот за здравство Никола Тодоров и пратениците, кои вчера се распуштија и кои го изгласаа овој срамен буџет. Ќе продолжиме да вршиме притисок, додека овој проблем не се реши, бидејќи се работи за живот или смрт- рече Андреј Сених, од Здружението за помош на лица кои живеат со ХИВ „Заедно Посилни“.

На крајот од протестот, активистите закачија и транпарент пред Собранието со пораката – „Народни избраници избравте народот да умира од СИДА.”.

Поврзани новости