Проституција

by Fokus

Распишаниот тендер за проституирање меѓу пратениците е се уште отворен и ќе потрае овие две недели додека не стане јасно- кој и со кого ќе формира Влада

Јанаки МИТРОВСКИ

Корона изборите завршија. Резултатите очекувани, сега почнува пазарот. Постизборниот период е најпогоден за купопродажба на пратеници. Се продава жива мера, на кило или топтан цел пратеник. Попуст следува за цела пратеничка група, особено ако тоа го сјебува противникот.

Не дека нашите или политичарите од околните држави се познати по својата чесност, но мислам дека како никаде на друго место, за релативно мали пари само во Македонија може да си купите пратеник.

И не дека би ги мислел тие изнајмени души, но се наметнува прашањето- чуму избори? Чуму избори, чуму трошење милиони народни пари кога волјата изразена на избори може да се прекрои за шака златници?

Не е тешко да претпоставиме дека ќе има два тројца прелетачи имајќи ги предвид изборните резултати, како и желбата на СДСМ да си го подигне разнишаниот рејтинг преку истуркување на непопуларната(генерално) ДУИ во опозиција. Демек, завршивме конечно со режимот, сега реформи. Жими мајка!

Главни “осомничени” како можни прелетачи се секогаш помалите коалициски партнери, но не треба да се исклучат и пратеници од самото вемеро. Не е дека немаме тазе пример од пред две години.

Да не бидам погрешно разбран дека форсирам теза дека исклучиво СДСМ може да “пазари”, но факт е дека предноста е кај нив- имаат власт, а со тоа и значителни средства. Постои можност и ДПМНЕ да пазари ветувајќи привилегии, ама пак трибуниве повеќе веруваат во кеш, овде и сега, отколку во инвестиции во иднината.

Затоа би сакал сега да ги чујам сите оние весели трубачи од пред изборите, дека било неодговорно да не се гласа, како што јас не гласав, дека друг ќе ми го употребел гласот(која иронија, не плашат на гласање со КРАЖБА на гласот) и останати гурабии зготвени за вадење на минимални педесет проценти излезност, во услови на “паднат” сајт на изборната комисија. ДИК се тресе во ладна вода!

Распишаниот тендер за проституирање меѓу пратениците е сеуште отворен и ќе потрае овие две недели додека не стане јасно кој, и со кого ќе формира Влада.

Социјалдемократите се тенки, но фаворити, особено поради анимозитетот на албанските партии кон Левица, која ДПМНЕ ја перцепира како гума за спасување за израмнување на резултатот и влегување во фото финиш.

Како и да е, на сите ни е јасно дека ќе биде Влада со краток век. Некои сметаат дека октомври 2021 година е прв датум за избори, но најреална опција е април 2021 топтан со локалните избори. Во меѓувреме, корона забавата се разгорува, жртвите се бројат, а проституцијата цути.

Поврзани новости