Пропуст или „попуст“ за рударите од ГТЦ?

Криптовалутите останаа неоткопани, МВР при очи слепа

by fokus

Машините за копање криптовалути кои новинарите ги снимија во магацините на ГТЦ веќе не се таму. МВР го затвори случајот без да собере докази и без да извести јавен обвинител. Струјата која ја влечеле машините по се изгледа, „сложно“, без нивно знаење, ја плаќале дуќанџиите.

Пишува: Катерина Смилева Божиновска

„Крипто-рударите“ од ГТЦ може мирно да спијат. И да краделе струја за својата активност, тоа никогаш нема да биде докажано. А, причината е една: пропуст или попуст од МВР. Полицијата минатата недела по пријава за кражба за електрична енергија за копање криптовалути во магацините на ГТЦ излезе на терен. Но, само и тоа го направи. По еден час, се повлече од местото, без да влезе во просториите и да види дали имало таква активност.

МОРАЛО ДА ИМА КОНФИСКАЦИЈА

Ова значи дека полицијата по излегувањето на терен не го известила дежурниот јавен обвинител за преземање следни дејствија, туку сама одлучила дека акцијата тука треба да запре.

Јавниот обвинител со кој разговараше „Фокус“ вели дека полицијата и за многу помали работи го известува дежурниот јавен обвинител. Според него, и во овој случај морало да се извести обвинител, особено што со увид на лице место не може да се утврди дали се краде струја или не.

Плус, требало да се влезе во магацинот и се што е таму времено да се одземе и да се види што имало на компјутерите. Ако воопшто имало софтвер за копање криптовалути, требало да се види како оди дистрибуцијата на електрична енергија и кој ја плаќа, вели обвинителот.

Друга клучна работа за обвинителот со кој разговаравме е што доколку се копале криптовалути преку кражба на струја, тогаш криптовалутите се продукт од кривичното дело и мора да се конфискуваат. Немало пречки да се постапи и да се обезбедат докази, па потоа да се затвори случајот.

Магацините во кои беа снимени риговите и кои беа предмет на акцијата на МВР се под закуп на семејството на поранешниот пратеник, Амди Бајрам, односно на нивна фирма. Ова го потврди и директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски.

Ден по акцијата семејството Бајрам испрати претставник кој во изјава за медиумите демантираше дека во магацините се копале криптовалути.

Скриншот од видеото со риговите кое го објави ТВ 21

ПЛАЌАЛЕ САМО ОСВЕТЛУВАЊЕ

Во однос на тоа како семејството Бајрам ја плаќало струјата која ја користи во магацинскиот простор, го прашавме директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски.

Огласот за издавање на магацинскиот простор е објавен во трети месец годинава, субјектот учествувал на огласот и договорот е со важност од 01.04.2021, на неопределно време, информира Трајчевски.

Тој објасни дека за магацините не се плаќа струја како посебна ставка, бидејќи таму нема потрошувачка. Се плаќа само за осветлување, кое влегува во закупот.

Трајчевски објасни дека во магацините може да се приклучат уреди кои се потрошувачи на електрична енергија само доколку се поднесе барање за такво нешто и во тој случај се фактурира и потрошената струја.

За магацинскиот простор се пресметува струја само по барање. Доколку субјектот поднесе барање за дополнителен уред, ГТЦ си има соодветна процедура. Бара проект, каков уред ќе се монитра, колку троши тој уред, и соодветно одговара на барањето. Мора да има таква процедура. Ако дозволиме секој што сака да прави по трговскиот, ќе го запалиме за еден ден, вели Трајчевски.

На прашањето дали имало такво барање за овие магацини, тој вели дека немало и тие плаќале само за осветлувањето кое влегува во закупот.

Го прашавме директорот од каде тогаш влечеле струја компјутерите кои ги снимија новинарите?

Јас колку што видов на снимката немаше никакво влечење или трошење на електрична енергија, рече Трајчевски.

Инаку, ГТЦ има сопствена трафостаница и струја набавува на слободниот пазар. Потоа, купената струја им ја дистрибуира на дуќанџиите и им ја фактурира. Секој дуќан има сопствено броило и се наплаќа според потрошената енергија. Магацините немаат броила и плаќаат само закуп.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

 

Поврзани новости