Пропагандата е единствено средство за одржување на оваа власт

by fokus

Текстот е објавен на 15-ти јуни 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 885 

Иако редовно ги споделуваме со јавноста нашите импресии за тоа колку ни забегале преродбеничките фаци, сепак, повторно и повторно се шокираме од нивните пропагандни марифетлуци. Две работи, ем ме далдисаа, ем ме насмеаја, што морав да приседнам за да се скурдепсам од инвентивноста на спин-мајсторијата на груевци.

Да добиеш одговор од една влада на демократска држава дека не смеете да знаете како се трошат народните пари за една прозаична владина кампања „Купи куќа купи стан”, оти, безмалку, со тоа се загрозувала безбедноста во една земја, убедена сум дека ќе нарипа целата јавност за ваквата тешка навреда на умот. Ама овде тоа ќе помине како врвна државна мудрост.

И веднаш потоа, од истата политичка групировка, без какво било снебивање, ќе крикнат дека „граѓаните заслужуваат да знаат каде завршувале буџетските пари во времето кога СДСМ била на власт”. Да, многу ни е полесно што сега, на пример, знаеме дека рекламерските пари завршуваат главно во „Република” ама не и колку и како во одредени медиуми.

Или, кога една власт која шест години безмалку нѐ отру со поделби на предавници и патриоти, ем нѐ просветлува со енормни дози за античките гени, за потоа првиот човек на ЦК ( Центар за комуникации) да ни открие дека всушност „под влијание на нереализирани личности со сомнително минато, успеавме да влеземе во нов вител со поделбата по основа на набрзина скованата граница меѓу т.н. антички и словенски Македонци”!

Тогаш ќе си помислите дека имате ретка можност да го следите „Монти Пајтон” во живо. Освен ако под „нереализирани личности со сомнително минато” не алудира на некој од актуелните преродбеници. А кога истиот ќе констатира дека „полоша и поштетна политичка пропаганда во овие дваесетина години не се појавила”, ќе се сакалдисате од помислата- кој е овде луд, а кој е збунет.

Секако, тоа беа ставовите на Илија Димовски од Центарот за комуникација на ВМРО-ДПМНЕ со кого ни по 6 години не успеавме да воспоставиме двонасочна комуникација. Можеби и значењето на зборот комуникација го изреформирале, та сега има некаква инаква суштина што ние уште не сме ја апсолвирале. Опозицијата, пак, веќе го преименува овој пропаганден стожер како Центар за лаги и манипулации!

ОПОЗИЦИЈАТА КОНТРОЛИРАЛА СЀ!

Ќе си дозволам, во одбрана на грешните мисли, да се вадам на владините кампањи „Ослободи го срцето”, „Осмели се” , дури и онаа за оптимизам, оти ми вдахнаа и мене смелост и оптимизам дека е дозволено да го сториш јавен својот вредносен суд за тоа што го живееш, доживуваш и преживуваш. Која била најлоша политичка пропаганда е прашање на вкус. Која од нив била најштетна ќе покаже времето, оти тоа е најдобар судија.

Но, дефинитивно, ваква манијакална политичка пропаганда, барем според стотиците милиони евра потрошени за оваа намена, не сме виделе досега, ниту сме замислувале дека може да ја доживееме. Пропагандата која креира еден розов виртуелен свет стана нивен заштитен знак. Свесното извртување на работите, спинувањето на сите неповолни факти и ставови, е секојдневие.

Се потрошија силни милиони народни пари за рекламерство, а со разни шашми се избегнува одговорот, кој, исто така, граѓаните имаат право да го знаат – колку пари во изминативе години фрлија на пропаганда? Кои се ефектите? Но, партијата што седма година ситни на власт, ќе смислува смешни одговори со кои ќе ја избегне оваа обврска. Не можеле да пресметаат, како што не можат да удрат математика ни колку државата им должи на фирмите по разни основи. Немаат дигитронче или само нѐ манипулираат со овие финти?

Патем, само пред неколку месеци, Груевски нѝ соопшти дека „времето на манипулации со народот е минато”! Гебеловските манири ќе ги лоцира, нормално нели, во критичарите на неговиот режим. Како политичка хајка и пропаганда од најнизок гебелсовски вид, тој ја имаше дефинирано сета резервираност, критичност, кон изградбата на Триумфалната порта.

Или, како цинизам на деценијата барем, го доживеав еден од многуте прогласи од ЦК, кога гордо обзнанија дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе се бори да се спротивстави на тоталитаристичките тенденции. Такви тоталитаристички тенденции манифестира партијата која седма година минува како опозиција!? Опозицијата ги контролира сите институции!? И наспроти владиното бомбардирање со секакви рекламни проекти, гебелсовски дејствувала опозицијата!И упорно не успева да дојде на власт, оти веројатно и е убаво се да контролира, ама да дреме во опозициски клупи! Шашаво до балчак, ама проаѓа!

Тоа што е авторско право, изум на оваа вмровска гарнитура, за што единствено е греота да се бараат прапочетоци во Бранко, се токму владините рекламни кампањи. Парите главно завршуваат кај политички подобните медиуми и новинарски проекти, што е поинаков назив за верните поддржувачи на власта.

Груевски стори сѐ за да ги има под контрола најрелевантните медиуми, а непослушниците, кои наместо благодарам и лојалност кон дародавачот, се дрзнаа да критикуваат, се соочуваат со казни. Со ваква слика и прилика, потоа вешто се извртуваат сите ставови и настани, а со спин – мајсториите и црното се прогласува за бело како од варикина излезено. И потоа уште со невидена леснотија ќе ја ширите портокаловата вистина дека слободата на медиумите е расцветана како росна роза.

Да, токму затоа Гебелс повеќе го препознаваме во ликот и делата на преродбениците!Впрочем, дотичниот се прославил како министер за пропаганда, а не како опозиционер.

МИНИСТЕРСТВА ЗА ЉУБОВ И ВИСТИНА!

„Се чини дека нема добра власт без добра пропаганда, ниту пак добра пропаганда без добра власт. Но не треба да се лаже! Никогаш не смееме да лажеме!” Со овие зборови, со равенство меѓу добра влада и добра пропаганда, која, пак, нема да се темели на лаги, Гебелс ја објаснил својата мисија како министер за пропаганда во владата на Хитлер.

Поточно, така настапил пред првиот говор на фашистичкиот диктатор во својство на канцелар, чиј режим во заведување на масите во огромен дел се темелел токму на пропагандата. Како велемајстор за пропагандистичките работи, директивата „никогаш не смееме да лажеме”, на министерот Гебелс ќе му биде само вовед за следната „искрена” порака во која е содржана смртоносната поента на фашизмот – „Евреите се тие што треба да платат за тоа што го лажеа нашиот народ!”.

Кој во овие неколку поенти лажел е повеќе од јасно, но официјалниот министер за пропаганда со вакви методи ќе го трасира патот за пеколниот план за геноцид на цели народи. Улогата на Министерството за пропаганда била да го држи народот под контрола. Во тоа време радиото било најсовремена и најклучна алатка за влијание врз масите. И кога нешто е одлично средство за перење на мозоци, нормално, пропагандистичката влада максимално ги користи ваквите потенцијали.

Производителите на радиоапарати добивале дури и дотации од владата за да произведуваат ефтини апарати наречени „народни приемници”. Во надлежност на ресорот на Гебелс биле и плакатите, весниците и, внимавајте – уметничките дела. Да, и тие можат да бидат одлична пропагандна алатка.

И комунистите својата мисија ја темелеа на агитација и пропаганда, што скратено се нарекуваше агитпроп. Експертите велат дека секој авторитарен систем кој се темели на пропаганда и лековерноста на консументите за шарени лаги, е осуден на пропаст. Иако, токму затоа, пак, е доволно жилав за да може навреме да биде демонтиран.

И во Орвеловата визија за тоталитарна држава, насликана маестрално во „1984”, како важна алка на тоталитарната шема е Министерството за вистина, кое се занимавало со информации, забава, просвета и култура. Каква била вистината, може да замислите од следниов детал.  Министерството надлежно за одржување на јавниот поредок, нешто како МВР, кое максимално им влевало страв на граѓаните, имало симпатичен назив – Министерство за љубов! Јасно ви е сега и со каква вистина се занимавало Министерството за вистина!

Тезата ми е дека кога една власт за свој потпорен столб ја има пропагандата до збрлавувачки размери, а својот идеал го оствари дури кога завладеа со медиумскиот простор, тогаш навистина е наивно до глупост да очекуваш таа да си ја исече гранката на која седи. Таа дури и во кризно време, кога крати на сѐ и сешто, не дозволува да има зима за оваа гебелсовска направија.

Со други зборови, сите забелешки за падот на слободата на медиумите оваа власт нема шанси да ги коригира. Не можам само да си објаснам зошто не го официјализираат во владата неформалното Министерство за пропаганда. Центарот за комуникации, пак, може да се преименува во Министерство за вистина!

И НЕНОРМАЛНОТО ЌЕ СЕ „ПРЕФАРБА” ВО НОРМАЛНО!

Сите оние што проговориле или напишале дека ваквата владина пропагандистичка мисија резултира со нефер нарушување на медиумскиот пазар, се соочуваат со некоја од следниве спин мајстории. Дека е европски владата да ги рекламира своите проекти. Дека партијата што ќе победи на избори може народните пари да ги троши на своите поддржувачи. Оние подрските пропагандистички брендови дури ќе ве убедуваат дека така е најнормално. И нормално, ќе тврдат дека силните владини пари од овие трансфери немаат врска со љубовта што медиумот ја искажува кон рекламерот! Кој е Гебелс тука?

Или, за нивниот непотизам молчат и гувеат како невести, ама затоа плаќаат реклами за сдсмовските семејни шеми. Му се смеел покаканиот на помочаниот! Да, во стилот на Гебелс! Кога апсат капиталци надвор од стандардите, критиката на ова процедура ја анулираат со извртувањето  – вие сте против борбата со криминалот!

Ако некоја група реши да протестира, сценариото предвидува неколку опции. Прво треба да се обвинат протестантите дека ги организирала опозицијата, што полесно се протнува доколку биде регистрирана макар само една фаца што некогаш во животот имала контакт со некој сдсмовец. На овој начин се одвраќаат и потенцијалните нови кандидати да се приклучат на протестот.

Оти, нели, ќе се присетат дека некогаш дури и се ракувале со Б.Ц., па ќе си седат мадро. Ако и ова не дава посакуван резултат, тогаш се оди на специјалитетот на куќата – се случува контрапротест, и тоа пред седиштето на опозицијата. Контрапротестантите, по правило, своите ставови ќе ги исчитаат во согласност со правилата од Министерството за пропаганда.

Врескањето е секогаш посилно доколку протестот настанал спонтано, како што беше за убиството на Мартин Нешкоски. Кога беа фатени на дело дека се обидуваат да го забошотат убиството на славеничката им изборна прослава, правејќи се дека немаат таков случај, а партиска делегација ќе оди да ги убедува родителите да не креваат врева во јавноста, следува јакиот аргумент – полицијата го реши случајот за 48 часа! Спорните детали од тие 48 часа, максимално ги прескокнуваат.

Кога градат, а трошат безмилосно, дворјаните и дворјанките имаат задача да гуслаат дека СДСМ ништо не изградил. Овој рефрен треба да го потисне во седми план податокот дека градбите се прескапи. Тука има уште една цака за психолошки ефект-  секој ден ќе има анекс на договор, па анекс на анексот, секој споменик ќе биде уште поскап, за сето ова, како секојдневна доза, да ве доведе до состојба дека е тоа  нормално. Човек се навикнува по извесно време и во затвор, а не, пак, на секојдневни информации за милионите потрошени евра.

И додека за своите трошаџиски манири главно се вадат дека не ги знаат точните суми, за деталите од случајот Надеж можат наизуст да ви набројат што колку чинело. И колку фирми во бранково време се затвориле, а колку работници без работа останале. Се разбира, доколку овие бројки не се како оние што ги пласирало Орвеловото Министерство за вистина!

И сега, замислете да се забранат владините реклами. Судството да почне да суди по европски терк, ем неселективно. МРТВ да почне да ја третира опозицијата како дел од системот. Газди на медиуми да не се коалициски партнери на власта или опозицијата, сеедно. Тогаш ако ова го „Оствари” власта, тешко дека ќе извојува уште една изборна победа! Со други зборови, со слободни медиуми и без гебелсовштина овој режим тешко дека ќе може уште долго да опстане! Да се сетеа и бранковци да фрлат стотина милиони евра во владини реклами, Груевски веројатно уште ќе беше лидер на опозиција!

Резултати од портокаловиот агитпроп
КАКО НОВИТЕ ГЛАСАЧИ ЌЕ ГО РАЗБЕРАТ ПАРЛАМЕНТАРИЗМОТ

Генерацијата родена во средината на 1990-тите, значи во време на независна Македонија, има сериозни шанси на денот на нивната полнолетност и на првото гласање на избори, да стартува со сосема исчашени претстави за сржта на парламентарната демократија. Ваквиот светоглед ќе биде нормален производ ако децава последниве шест години учеле во живо од пропагандниот центар на ВМРО-ДПМНЕ. Што осознале за демократијата во последната третина од својот живот?

– Опозицијата е нешто лошо и штетно, дури и непријателско и предавничко за националната кауза.

– Предизборните ТВ соочувања на партиските лидери се глупост, што земјите со вековна демократска традиција уште не ја осознале.

– Непријателска активност е да се сомневаш во методите со кои полицијата лови криминалци, односно, тоа што МВР ќе го соопшти е божји закон.

– Власта треба да си прави што си сака, оти народот ја избрал.

– Пратениците на владејачкото мнозинство е доблесно да функционираат како горди послушници.

– Судството е независна власт оти така е запишано во Уставот, освен доколку премиерот не каже поинаку за некои судии.

– Непрофесионални новинари се оние кои се дрзнуваат да ја критикуваат владата оти улогата на медиумите е да бидат чувари на власта а контролори на опозицијата.

Е такви се последиците од спиновите на „властитутките”, особено што ваквите деформации на демократските процеси нѝ ги продаваат како реформски дострели. Уште повеќе, тоа што ваквите извртувања ги пропагираат млади луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, наведува на помислата, како што би рекол Другарот Тито, дека државата не треба да се грижи за својата иднина … ама комунистичка!

Предлог-мерки за спас на демократијата
КОЛКУ ПОАПСУРДНО, ТОЛКУ ПОДОБРО!

Постои една стара мудрост дека некои работи мора да се доведат до апсурд, за да се создаде критична маса за промени. Во тој дух, предлагам на лудилото на пропагандната машинерија да се парира со уште поголеми будалаштини. Ќе нафрлам само неколку што можат да парираат на мафтосувањата што катадневно ни ги нуди власта.

– За владините рекламни кампањи да инсистираме да се троши тројно повеќе, иако не знаеме колку се потроши до сега, ем бескомпромисно да инсистираме сите да се слеат кај медиумите што се верни фанови на преродбениците.

– „Скопје 2014” со директива да се збогати со уште толку споменици колку што има, ама сите да бидат барем двојно повисоки, а тројно поскапи, и, по правило, со гаќи за да нема срамотилаци на видик.

– Во Уставот да се внесе одредба, согласно практиките,  дека секој осомничен од полицијата ќе се смета за виновен со тапија.

– Секој странски амбасадор што ќе стори лоша дума за реформите на Груевци, сосе соросоидите во пакет аранжман, да се протера за век и веков од ова античко тло.

– Да се фрли анатема на секоја меѓународна организација што Македонија во време на преродбата ја оценила дека назадувала, што значи дека ќе може да преживее само Дуинг бизнис.

– Да се воведе  институт – министерски прашања, преку кои министрите ќе ги рендаат пратениците на опозицијата за дешавки од 1992 година, оти пратеничките прашања не се комплементарни со актуелниве демократски инциденти.

Вакви „реформски” стандарди може да се редат до бескрај, како манифест со работен наслов позајмен од епохалното дело на Еразмо Ротердамски, „Пофалба на лудоста”. Оти имам впечаток дека и ова е такво време кога „на здравиот човечки разум му изгледа дека сиот свет се престорил во лудница, па само единствено Лудоста може да ја говори вистината”!

Поврзани новости