Пронајдено е исчезнатото момче од Куманово

by fokus

Единаесет – годишниот Џенгиз Асани кој живее во Куманово, во населбата Средорек, а чиј татко Африм Асани бараше помош од јавноста и медиумите, бидејќи момчето исчезнало во саботата, е пронајден.

Фотографијата од Џенгиз деновиве се споделуваше на социјалните мрежи. Таткото упати јавен апел до сите кои имаат било каква информација за неговиот син, да пријават во полиција.

Според неговата објава, Џенгиз последен пат бил забележан во саботата, во населба Тоде Тумба, кај кошеви, во придружба на уште едно дете на иста возраст. Случајот бил пријавен во полиција, а таткото заедно со инспектор од МВР Куманово учествувал во потрагата по детето низ градот.

Денес од СВР Куманово за ,,Фокус” потврдија дека детето е пронајдено. -На 28.01.2020 околу 17.00 часот на спортските терени во населба „Гоце Делчев“ во Куманово бил пронајден малолетникот за кого на 27.01.2020 во 19.50 часот неговиот татко А.А.(40) од Куманово пријави дека се оддалечил од домот – информираа од МВР.

Настанот ја вознемири јавноста, бидејќи ова не е прв пат од Општина Куманово да исчезне дете. На официјалната страница на МВР на листата на исчезнати, од Куманово има шест лица по кои се трага. Од нив, три се малолетни – Џеладини Ренат, исчезнат во 2014 година на 15-годишна возраст, Мирсада Хелдовиќ, исчезната во 2010 година на пет – годишна возраст и Дане Мемеди, исчезнат во 2010 година, исто на пет-годишна возраст.

Вики Клинчарова

Поврзани новости