Пронајдени се остатоци од тела, ДНК анализата не е завршена, тврди Станков

by Fokus

Додека не заврши ДНК анализата не може да се утврди точниот број на настрадани лица, вели директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков по изјавата на бугарските власти дека обдукција е направена на 44 тела, а седум патници се преживеани и нејасно е каде е еден патник од автобусот во кој официјално се превезувале 52 патници.

Тој вели дека местото на автобуската несреќа во Бугарија пронајдени се 44 тела и остатоци од тела, коишто ќе се поврзат со ДНК анализата.

– Додека не заврши ДНК анализата не може да се утврди точниот број на настрадани лица. Направени се 44 обдукции, но увидени се и остатоци од тела коишто ќе се поврзат со ДНК анализата. Треба да почекаме да се испитаат овие остатоци и тогаш точно ќе видиме колку лица биле настрадани, објаснува Станков за Фокус.

Станков потврди дека кога ќе бидат готови извештаите од македонските лекари од судска медицина, кои овие денови беа во Софија, истите ќе бидат предадени на бугарските власти.

Претходно, портпаролката на главниот обвинител на Бугарија Сијка Милева, на прес-конференција со заменик-јавниот обвинител на Бугарија Борислав Сарафов изјави дека на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела.

Таа информира дека се сретнала со преживеаниот маж кој и раскажал како го скршил стаклото на автобусот и рекол дека спасил осум лица, а не седум.

– Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, истакна Милева.

Поврзани новости