„ПроКредит бизнис академија“ – нова програма на ПроКредит Банка за поддршка на микро и малите бизниси

by Fokus

ПроКредит Банка официјално ја претстави новата едукативна програма за поддршка на микро и малите бизниси во нивниот раст и развој.

„ПроКредит бизнис академија“ беше претставена на настанот кој се одржа вчера во Forza Fusion Bar, каде што претставници на медиумите и бизнис заедницата имаа можност да се запознаат со целосната програма и нејзините придобивки.

Академијата е дел од пошироката иницијатива на ПроКредит Банка насочена кон зајакнување на домашната бизнис заедница преку нефинансиска поддршка. Како банка која континуирано создава можности за едукација и вмрежување, преку оваа академија ќе им овозможи на претприемачите пристап до интерактивни работилници, експертски совети и практични алатки за унапредување на деловните вештини.

„Преку ПроКредит бизнис академијата сакаме да им овозможиме на претприемачите пристап до знаење и ресурси кои ќе им помогнат да го направат следниот голем чекор во развојот на нивниот бизнис. За нас, да се биде партнер на бизнисот, значи да се оди чекор понапред од нудење на стандардни банкарски услуги. Затоа вложуваме во тоа што е клучно за градење успешен бизнис – знаење и мрежа на контакти. Веруваме дека едукацијата е клучна за одржлив раст, а оваа иницијатива е уште еден начин на кој ја зајакнуваме локалната бизнис заедница,“ изјави Милан Дамчевски, Член на Управниот Одбор на банката.

Програмата ќе биде реализирана под менторство од искусни професионалци од регионалната консултантската компанија Alphabet Group која повеќе од 7 години им помага на малите бизниси да го реализираат својот целосен потенцијал преку иновативни и интерактивни обуки и програми за развој.

Академијата е структурирана во пет клучни модули, кои ги опфаќаат темите: разбирање на финансиски концепти, продажба, комуникациски вештини, интерно претприемништво и дигитална трансформација.

Програмата ќе се реализира од април до октомври 2025 година во Управната зграда на ПроКредит Банка во Скопје. По завршувањето на предавањата на учесниците ќе им бидат доделени сертификати.

Учеството е без финансиски надомест, како дел од континуираната инвестиција на ПроКредит банка за градење вештини и капацитети кај локалните претприемачи. Заинтересираните претприемачи можат да аплицираат до 30 март 2025 година. По процесот на селекција, ќе бидат избрани 90 учесници кои ќе се приклучат на првата генерација на ПроКредит бизнис академијата.

Пријавувањето е отворено преку официјалната страница biznisakademija.pcb.mk каде што се достапни сите детали за академијата.

 

Поврзани новости