Проклетиите на коронавирусот

by Fokus 17:00
17:00

Светските медиуми пишуваат за спонзорства и донации од страна на тајкуни и други богати луѓе ширум светот во медицински средства кои се потребни во борбата со корона вирусот. За жал, вести со ваква содржина за актуелната македонска ситуација има многу малку

Пишува Ѓорѓи ТОНОВСКИ

- Advertisements -
WEB Baneri (300x250)_CLIO_

Злото што со себе го донесе корона вирусот внесе големи промени во животот на луѓето и во нивното секојдневие. Ги уплаши и ги затвори во домовите. Вакви тажни слики и последен ваков пекол произлезен од природата имаше на почетокот на 20-от век со тнр. Шпанска треска. После неа злото се преточи во две големи светски воени катастрофи кои го карактеризираа минатиот крвав век.

Потоа, злосторствата се преместија на локални/регионални нивоа. Преовладуваше мислење дека злото на светско ниво е минато. Целото внинание на светот беше свртено кон решавање на регионалните/локалните лошотилоци.

ПРИРОДАТА ПРОТИВ ОПШТЕСТВОТО

Но, се случи корона вирус, природата против општеството, пандемија на коронавирусот… Тоа го сврте вниманието на луѓето врз безбедноста и стабилноста на целоста и единството на светот и на човековиот род. Корона вирусот во својот смртоносен поход не препозна ниедна граница помеѓу меѓусебно поделените со жици и гранични камења хумани заедници.

Нејзиниот крвав, незапирлив и неизвесен поход низ светските простори, кој е проследен со покосени човечки животи, карантини, економска пустош и слично, предизвика голем немир и страв меѓу луѓето и сознание за моментна човечка немоќ во справувањето со пандемијата.

Но, во исто време, се` позабележливи се манифестации за заедничко здружено дејствување на целата меѓународна заедница во настојувањата да се совладаат коронавирусот и последиците од него и луѓето да се вратат на редовните животни активности.

Се стекнува впечаток дека атакот на корона вирусот врз човековата егзистенција ќе донесе нови ноти на планот на меѓународните односи и на меѓународната солидарност и сплотеност на хуманите суштества на планетата. Зашто, битката со корона вирусот мора да се добие. Меѓутоа, тоа не е последниот предизвик што природата може да им го испорача на луѓето. Некои од идните предизвици можеби ќе бидат полоши и поопасни од коронавирусот.

А луѓето, од своја страна, ќе мораат да одговорат на тие предизвици, зашто сме единствените сами со себе, нема други умни суштества, ние сме нужно упатени едни на други, само заедно ја чиниме планетата дом на човековиот род. Надвор од ова сознание и реалност постои просторот на ништото. Адекватните одговори означуваат стабилност на егзистенцијата и функционирањето на општествата.

ПРОСЛАВАТА ЌЕ ПОЧЕКА

Република Северна Македонија е дел од општата општествена офанзија врз коронавирусот. Но, во состојбата на борба против стравичните последици од коронавирусот врз човечките животи и состојбите на страв, неизвесност и изолација со кои се соочија македонските граѓани, во среде тој хаос стигна една вест која македонските граѓани ја очекуваа од денот на стекнувањето на независноста.

Веста се однесува на Евроатлантските интеграции, односно дека Република Северна Македонија дефинитивно стана полноправна членка на НАТО пактот и дека доби виза за почнување на преговорите за членство во Европската Унија. Македонците во ваквата ситуација реагираа многу рационално и хумано – приоритет им остана проблемот со коронавирусот и со спасувањето на човечките животи.

Три децении тие се подготвуваа и го чекаа одоговорот од Евроатлантскиот простор. Имаа намера долгоочекуваната вест да ја дочекаат на сите плоштади низ републиката полни со народ, музика, песни, радост… Но битката со коронавирусот е првенствена, луѓето треба да се заштитат, да се ослободат од опасноста по егзистенцијата на народот. Прославата ќе мора да почека.

Забавено-незаборавено, гласи поговорката. Фестивалот ќе се одржи пост фестум. Звуците на тапаните и зурлите по градските собиралишта ќе означат две прослави – едната ќе биде за победата над коронавирусот, а другата ќе биде за победата на определбата на народот за членство во НАТО и ЕУ. Мирот и среќата пак ќе се вратат во животот на македонските граѓани.

ПОФАЛБА ЗА ФИЛИПЧЕ

Република Северна Македонија е во значителна мера зафатена од нападот на корона вирусот. Тоа ги принуди надлежните да се организираат и да преземт мерки против пандемијата. Во првите моменти на налетот на катастрофата кај македонската јавност имаше доза на резервираност кон нашата (не)способност (или аљкавост) да се справиме успешно со несреќата. Меѓутоа, успеавме, се` тече во духот на поговорката дека „се` се може кога се мора, и кога се сака”.

Имено, заклучок на јавноста е дека ангажманот на надлежните во оваа кризна ситуација е на завидна висина и дека благодарение на сериозната организираност налетот на коронавирусот е омекнат. Анализите на експертите за оваа проблематика покажуваат дека степенот и начинот на организираност на надлежните, а особено на медицинскиот кадар во државата е на завидно ниво.

Пофалба за своето одговорно однесување и ангажираност заслужуваат и членовите на Комисијата за заразни болести и нејзиниот раководител и министер за здравство д-р Венко Филипче. Здравствените работници го положија испитот пред јавноста. Паѓа во очи фактот дека во битката со коронавирусот доминира струката/професијата.
Политиката мудро препушти тоа да биде грижа на оние што најдобро ги познаваат состојбите со заразата и пандемијата, и кои се снаоѓаат најдобро во сферата на медицината, а тоа се медицинските работници. Ова е секако за пофалба, бидејќи во македонската политика се паметат и ступидни однесувања на одговорни лица.

ПРОФИТЕРСКИ ПАЗАРЕЊА

На пример, кога одделни министри влегуваа во филм дека се стручни, професионални во областа во која министеруваа, а потекнуваа од други области на едукација па правеа прилично бизарни потези. На пример, министер за одбрана (дипломиран правник) и` објаснуваше на јавноста преку ТВ екраните онака „стручно генералски” како функционира новонабавената пушка за армиски потреби; друг пак министер за здравство (дипломиран правник) преку ТВ екраните на јавноста и` објаснуваше онака „стручно хируршки” како се изведува извесна специјализирана операција врз пациент. Тоа јавноста го доживуваше како нешто смешно и „недоносено/недоквакано”.

Инаку, генерално земено, би можело да се оцени дека во ваквата состојба граѓаните се однесуваат и се придржуваат прилично дисциплинирано кон медицинските препораки од властите, но и кон донесените уредби кои се во функција на заштитата од коронавирусот.

Светските медиуми пишуваат за спонзорства и донации од страна на тајкуни и други богати луѓе ширум светот во медицински средства кои се потребни во борбата со коронавирусот. За жал, вести со ваква или слична содржина за актуелната македонска ситуација има многу малку во македонските медиуми…

Велат дека голема количина (не само) медицинска опрема (а не празни совети и лажен патриотизам) за болните од корона вирусот би можело да се купи барем со дел од украдените народни пари што со себе ги понел оној „азилантот” во Будимпешта…

Тажни се, исто така, обидите трагичната приказна за коронавирусот да се политизира и од неа да се влечат поени во очите на електоратот… Сепак, се работи за човечки животи, а не за бездушни политички или профитерски пазарења…

Поврзани новости