Прокиснува низ театрите и музеите, Алаѓозовски констатирал загрижувачка состојба

by fokus

Музеите, театрите и центрите за култура низ Македонија се во загрижувачка состојба, констатирале во увидот министерот и заменикот министер за култура, Роберт Алаѓозовски и Владимир Лазовски. По направената посета во неколку објекти на културала утврдиле дека и при најмал дожд, вообичаен за овој период од годината, протекуваат покривите на повеќе установи.

„Констатирано е дека дури и при дождови, кои се вообичаени за ова време на годината, нашите културни установи се соочуваат со сериозни последици од долгогодишна негрижа за условите во нив. Цел на Владата на Република Македонија и Министерството за култура е таа негрижа да се стопира веднаш и да се преземат итни мерки“, велат од Министерството.

Меѓу објектите каде е евидентирано дека протекува кровот поради што нема услови за нормална работа се: Драмскиот театар, Музејот на современа уметност и Музејот на Македонија. Од Министерството велат дека уште денеска ќе преземат мерки за санација во Драмски театар, а од Министерството за финансии ќе побараат средства за санирање на кровот.

„ Владата на Република Македонија и Министерството за култура воопшто не се откажуваат од идејата за изградба на нов објект за овој Театар, но ќе инсистираат на подомаќинско и порационално решение, кое нема беспоштедно и непродуктивно да ги троши парите на граѓаните.  Драмскиот театар е типична жртва на тнр проект „Скопје 2014“, преку кој се инвестираше во прескапи и мегаломански објекти и споменици, додека постојните објекти на културните установи се во очајна состојба“, додаваат од Министерството.

Во Музејот на Македонија е констатирана загрижувачка состојба, која е последица на долгогодишната негрижа, а најкритична е состојбата во Музејот на современата уметност.

„Овој музеј се соочува со протекување во објектот на повеќе локации, од кои голем дел се ургентни бидејќи веќе имаат предизвикано штета и бараат итна интервенција. Најургентните состојби ќе се санираат веднаш, но и за овој репрезентативен објект се потребни посериозни реконструктивни зафати“, посочуваат од кабинетот на Алаѓозовски.

Протекување на кровот и оштетувања од дождот се предизвикани и во објектот на НУ Театар комедија во Скопје, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица, Центар за култура – Дебар, Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, НУ Конзерваторски центар во Гостивар, Музеј „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево, археолошкиот локалитет Стоби каде постои опасност од изливање на Црна Река.

Министерството испратило допис до сите национални установи да направат итен увид во состојбите на нивните објекти, и да предложат решенија за ургентна санација и за подолгорочни решенија за состојбите.

Поврзани новости