АРХИВА Прогресивниот данок може сериозно да удри по средната класа

by fokus

Пишува Маја ВАСЕВА

„Во овој свет ништо не може да биде сигурно, освен смртта и даноците“, вака таткото на најмоќната економија денес, Бенџамин Френклин си честитал на себе откако го завршил уставот на Соединетите американски држави во 1787 година. Но мудрата мисла се протега неколку децении порано и му се припишува на Кристофер Булок: „Невозможно е да се биде сигурен во било што друго освен во смртта и даноците“, напишал тој во 1716 година.

Расправата за даноците и политиката на собирање арач е неизоставен дел од секоја политичка промена во едно општество. Некогаш Туриците од немуслиманското население собирале по една лира од глава. Денеска арачот се пресметува како процент од приходот.

Двете ривалски партии кај нас имаат екстремно различни по однос на даночната политика. Меѓу првите работи што ги направија десничарите која дојдоа на власт во 2006 година беше воведувањето на рамен данок. За прв пат во Македонија беше воведена еднаква даночна стапка за сите граѓани, без разлика на нивниот доход. Социјалдемократите имаат поинаков став по ова прашање и меѓу првите посериозни реформи кои планираат да ги воведат е враќање на прогресивното оданочување.

Јасно е дека националистите се залагаат за рамен данок, со тоа што богатите би плаќале иста стапка на оданочување како и сиромашните. Социјалдемократите, пак, сакаат да го намалат јазот меѓу сиромашни и богати. Сметаат дека за едно општество да биде еднакво треба богатите да се оданочат со повисока стапка.

Ваквиот баланс го има во развиените економии кои имаат добри и напредни социјални политики. Но и земјите во кои живеат милионери и милјардери кои прават обрт на средства колку еден годишен буџет на Македонија. Од таму се поставува прашањето – која корист од прогресивен данок во Македонија, земјата која има само петнаесет луѓе чиј месечен доход надминува еден милион евра?

Еднакви во сиромаштијата – тежок удар за средната класа!

75 отсто од вработените во земјава заработуваат под 300 евра, покажува анализата на Министерството за финансии за доходовната нееднаквост. Фрапантните резултати до кои дојде новиот тим на економисти во Владата не соочија со суровата реалност дека Македонија е земја на сиромашни. Податоците земени од Управата за јавни приходи недвосмислено покажуваат дека секој трет Македонец се бори за егзистенција.

Од друга страна, анализата покажува уште еден факт кој не им оди во прилог на новите политики на Министерството. Дури 90 отсто од вработените имаат месечен доход под 500 евра, додека над 1.000 евра месечен доход имаат само два отсто од населението. Што останува тогаш? Колкав број на граѓани ние ќе оданочуваме со повисока стапка?

Поради ниските плати во земјава, луѓето се обидуваат месечниот буџет да го зголемат со ангажмани и по работното време. Многумина на тој начин успеваат да заработат нешто повеќе од илјада евра, што е доволно за солидно, но не и луксузно живеење. Опасноста се крие во тоа што овие граѓаните можат да бидат на удар од прогресивното оданочување и со малку повисоката стапка да ја изгубат финансиската стабилност.

Доколку зголемувањето на даночната стапка ја опфати средната класа ќе имаме сериозна причина за загриженост, а реформата би постигнала спротивен ефект. Па наместо да ги направи богатите поодговорни, ќе ги осиромаши најбројните граѓани меѓу населението кои се борат да заработат денар повеќе за да се одржат над сиромаштијата. Ќе „краде“ ли Робин худ од средната класа немајќи од кого?

Дел од јавноста е на мислење дека прогресивен данок е непотребен, потребни се мерки кои ќе ја стимулираат економијата и ќе му помогнат на бизнисот да се развива со што македонскиот месечен доход би се зголемил над просечниот од 368 евра. Затоа стручната јавност е на мислење дека прво треба да се размислува за подобрување на стандардот, зголемување на вработеноста и раст на платите, па потоа за реформи кои би ги зголемиле даноците.

Мали плати – големи даноци

Однапред треба да се постави прашањето, дали во овие десет години откако на сила е рамното оданочување Македонија го привлече назад интелектот кој со години ги прескокнува границите? Еден од аргументите на оние што се против прогресивното оданочување е дека таквата политика би натерала многумина стручни лица своето знаење да го инвестираат во земја која нема да посега по нивните тешко заработени пари. Македонија и онака има сериозен проблем со иселување на мозоци, проблем кој се чини дека прерасна во егзодус изминатава декада – декада, инаку, на најниска даночна стапка во Европа и на рамен данок од 10 отсто.

На пример докторите. Специјалистите вработени во државните здравствени установи заработуваат колку две просечни плати во Македонија. Токму од тој износ започнува првата стапка на оданочување според програмата на СДСМ. Доходот во износ од две просечните плати би се оданочувал со повисока стапка, што ги става докторите во првата група граѓани со повисоки примања. Но проблемот не би бил толку сериозен, доколку белите манитили масовно не ја напуштаа Македонија. Над шестотини за три години, поради што претседателката на Лекарска комора неодмна алармираше дека за некоја година ќе ни останат само празни ординации.

Според експертите прогресивното оданочување би можело да им даде една причина повеќе за да си ја побараат среќата во друга земја. Може даночната стапка ќе биде повисока, но платите ќе бидат неспоредливо поголеми, стандардот на живот поприфатлив, општествениот амбиент посоодветен.

Само 37 милиони евра повеќе во буџетот

Богатите во оваа земја не се групи, туку се поединци. Поради нивниот доход просечните примања во земјата се надувани, констатираат експертите од Институтот за економски истражувања Finance think. А не може поединци, посочуваат од таму, да го полнат буџетот.

Според економистот Благица Петрески опасности од прогресивното оданочување може да вклучат зголемена даночна евазија, демотивирање на високопродуктивни професии, особено оние кои се конкурентни на меѓународниот пазар, како што се ИТ професионалците, фин-тек професионалци, лекари итн итн.

-Главната предност на прогресивното оданочување е дека тоа е морално праведно, односно повеќе во релативна и апсолутна смисла ги оптоварува оние што се побогати. Но, главната опасност е дека вишокот средства прибрани преку прогресивно оданочување не неопходно ќе стигнат до оние кои имаат најголема потреба од нив, односно најсиромашните и маргинализираните. Затоа, без оглед на дизајнот на оваа политика во смисла на зафаќањата и даночните стапки, таа треба да понуди и конкретни програми за тоа како ќе се извлечат најсиромашните од состојбата во којашто се наоѓаат – смета таа.

Економистите од Институтит направија симулација на буџетските ефекти кои би се постигнале со воведување на прогресивен данок кај персоналниот доход. Првото сценарио предвидува оданочување на најбогатите 1% со 18%, а второто оданочува на најбогатите 2% со 18%. Резултатите до кои дошле економистите покажуваат дека буџетот би се зголемил за само 30 до 37 милиони евра.

„Резултатите покажуваат дека буџетските ефекти од потенцијалното прогресивно оданочување би биле релативно мали и на годишно ниво би се движеле помеѓу 30 и 37 милиони евра дополнително прибран персонален данок од доход, што претставува помеѓу 10,8% и 13,1% од вкупно прибраниот персонален данок од доход. За споредба, износот што од буџетот се одвојува за сите видови социјални помоши, на годишно ниво изнесува околу 100 милиони евра. Износот што буџетот ќе го одвои за субвенционирање на порастот на минималната плата изнесува 90 милиони евра “, посочуваат од Институтот.

Овие пресметки, додаваат, не го земаат предвид ефектот од потенцијално зголемување на даночната евазија

Од Finance think нагласуваат дека опцијата за прогресивно оданочување на доход треба сериозно да се разгледа, дека потребно е да се направи детална анализа и да се даде одговор на неколку прашања:

Колкава ќе биде стапката на прогресивниот данок?

Кои ќе бидат границите на одделните стапки?

Кои се лицата кои ќе бидат оданочени со повисоки стапки, односно дали се тоа претприемачи, менаџери, професионалци во брзорастечки индустрии (ИТ) и сл.?

Како новонаметнатиот даночен товар ќе се одрази врз малите претпријатија, стартапите и кој било друг претприемнички потфат?

Како новонаметнатиот данок ќе се одрази врз иселувањето на висококвалификуван и дефицитарен кадар, како што се ИТ инженери, доктори, претприемачи и сл.?

Дали стапките на прогресивниот данок ќе бидат различни, зависно основата на доходот (на пр., особено диференцирање на стапките за данок на доход од дивиденда, кирија и сл.)?

Бројките не лажат

Од Министерството за финансии велат дека Управата за јавни приходи денеска има значајно поголеми капацитети, а ќе се работи и кон подобрување на нејзината ефикасност.

„Евазијата е секогаш првиот аргумент кој се пласира против зголемувањето на даноците. Секогаш и секаде приврзаниците на рамниот данок тврдат дека со воведувањето на прогресивен данок буџетските приходи ќе се намалат. Сепак, искуството покажува дека ова е повеќе плашење со вештерки отколку што е реална закана“, посочуваат од Министерството.

Од таму се уверени дека прогресивното оданочување ќе ги зголеми приходите од даноци во буџетот. Рамното оданочување не ги остварило посакуваните ефекти, велат од кабинетот на министерот, Драган Тевдовски. Приходот од персонален данок како процент од бруто домашниот производ една година по воведувањето на рамниот данок бележи намалување од 2,5 на 2,1 отсто, потенцира советникот на министерот, Бранимир Јовановиќ.

Бројките навистина покажуваат дека приходите во Буџетот од наплата на персоналниот данок на доход се намалени како процент од бруто домашниот производ. Во 2006 година приходите од оваа ставка изнесувале 2,5 отсто од БДП, две години подоцна паѓаат на 2,1 отсто. Во следните години растат, но не според очекуваното. Во 2014, 2015 и 2016-та година приходите од данок на доход застанувааат на 2.3%

Но, паралелно се намалија и даноците. Пред 2006та година даночните стапки беа 15%, 18% и 24%. Со воведувањето на рамно оданочување персоналниот данок за намали на 12% во првите години, а потоа на 10%. Професорот, Трајко Славески, кој беше министер за финансии во времето на воведување на рамниот данок, вели дека тоа е причината зошто приходите од наплата на персонален данок како процент од БДП се помали од очекуваното.

-Не е аргумент тврдењето дека очекуваните резултати не биле исполнети. Илузорно е да го намалите данокот на 10 отсто и на краток рок да очекувате зголемување на приходите како процент од БДП. Важно е дека од воведувањето на реформата се намали даночната евазија и дојде до поголема ефикасност на наплатата – вели Славески.

Тој посочува дека реформата значително го помогнала стопанството затоа што трошоците за работна сила биле намалени.

-Како што знаете персоналниот данок на доход ги погаѓа пред се работодавачите затоа што тоа се нивни трошоци. Ние го стимулиравме стопанството да вработува повеќе затоа што беше многу висока стапката на невработеност. Легитимно е да се отвори ваква дебата, но прашање е колку е паметно да се зголемат даноците во овој момент – додава професорот.

Славески подвлекува дека освен врз работодавачите, реформата може да удри и врз средната класа која своите приходи ги добива преку доходот.

-Прашање е што е богатство. Тоа не е доходот, туку капиталот, или наследството. Затоа не е најпаметно ако прогресивно го оданочувате работното место – предупредува тој.

Сепак праксата во другите земји покажува дека полека сите го напуштаат моделот на рамно оданочување. Албанија во 2014-та година воведе прогресивно оданочување, со тоа што оние со приход до 223 евра плаќаат 0% данок на приход, додека оние со приход над 970 евра плаќаат 23 отсто. Средната стапка е 13 отсто.

Но оваа земја се покажа како пријателски настроена кон бизнисот. Воведе сериозни олеснувања, особено за малите претпријатија со тоа што ја укина обврската на малите бизниси да плаќаат данок на доход и данок на добивка.

Персоналното оданочување во Хрватска, пак, се движи од 13 отсто до 40 отсто, додека во Словенија од 16% за оние кои заработуваат до 8.021 евра, до 50% за оние со приход кој надминува 70.907 евра.

Доколку Министерството сака да постигне нешто со даночната реформа тогаш ќе мора стапката на оданочување да ја крене малку повисоко од она што би било прифатливо во јавноста. Наместо 18 отсто како највисока стапка во скалестото оданочување, тимот на Тевдовски ќе мора да размислува за стапка до 25 отсто. Но и тоа би имало мал ефект, велат експертите, затоа што лесно се бројат богатите во Македонија од кои државата би можела да земе повеќе

Нееднаквоста го разјадува општеството

Ние се уште имаме една од најниските даночни стапки во Европа, но и покрај тоа сиромашните си остануваат сиромашни, а богатите се повеќе се богатат. Се зголемува поделбата, се отвораат скапи училишта каде учат децата на богатите, се градат елитни населби во кои македонската буржоазија живее одвоена со електрична ограда далеку од очите на просечните Македонци. Јазот се продлабочува, а оние кои нема да се задржат на некоја од страните, паѓаат во амбисот на сиромаштијата.

Податоците од Управата за јавни приходи покажуваат дека еден газда на текстилна компнија во Македонија заработувал повеќе од сите 376 вработени заедно. Текстилната работничка треба да работи 43 години за да заработи толку колку што нејзиниот газда заработува за само еден месец. Каде е правичноста?

Но со прогресивното оданочување новата власт си постави за цел токму тоа да го корегира – да направи поправична распределбата на доходот. Бранимир Јовановиќ е економски истражувач, поранешен член на партијата со радикални левичарски идеи „Левица“, а сега советник на министерот за финансии. Неговото убедување  е дека во едно општество побогатиот има поголеми обврски спрема државата затоа што повеќе ги користи јавните добра и услуги, но и дека, како во едно семејство, посилниот брат треба да му помага на послабиот.

Јовановиќ тврди дека нееднаквоста го разјадува општеството, а во Македонија расте по воведување на рамен данок во 2007 година. Тоа го покажува и следниот графикон. За само три години доаѓа до дуплирање на учеството на најбогатите еден отсто во вкупниот доход на земјата.

„Главната цел ни е да воспоставиме праведност во даночниот систем. Тоа значи дека не сакаме да ја оптеретиме за „средната класа“, но, од друга страна, не сакаме ни да направиме само козметички промени. Многу е важно да се сфати дека рамниот данок е неправеден. Тој ги привилегира оние кои имаат/заработуваат повеќе, а ги дискриминира оние кои имаат/заработуваат помалку.“

Јовановиќ наведува три аспекти зошто е прогресивниот данок поправеден.

„Прво, тој е солидарен, тој е своевиден трансфер од оние кои имаат повеќе кон оние кои имаат помалку, па затоа е похуман и поправеден од рамниот данок. Како што е праведно, на пример, ако јас немам пари, а сестра ми има, таа да ми помага на мене, така е исто и со прогресивниот данок. Второ, даноците се цената која ја плаќаме за јавните добра и услуги, а бидејќи побогатите многу повеќе ги користат јавните добра и услуги, логично е и тие да плаќаат повисоки даноци. Трето, рамниот данок води до пораст на нееднаквоста, што многу добро се гледа од податоците, кои покажуваат дека учеството на најбогатите 1% во вкупниот доход кај нас нагло порасна по воведувањето на рамниот данок. Нееднаквоста, пак, има штетни економски и општествени последици, па затоа прогресивниот данок е правичен, затоа што води до подобри ефекти за целото општество“, појаснува тој.

Но Македонија пред 2006 година имаше прогресивен данок, па сепак нееднаквоста не се намалуваше, посочува Благица Петрески од Finance think. Според неа треба прво да се одговори на прашањето што довело до енормно богатење на поединци во периодот по 2006, и зошто нееднаквоста не се намалувала пред 2006 во услови на прогресивен данок, за да може да одговориме на прашањето дали повторно воведување прогресивен данок ќе придонесе кон намалување на нееднаквоста мерена според уделот на најбогатите 1%.

-Позначајно намалување на нееднаквоста ќе се случи само ако вишокот прибрани средства адекватно се `инвестираат` во подобрување на социјалната состојба на најсиромашните и најранливите. Всушност, ние имаме ситуација во која нееднаквоста според џини коефициентот во Македонија се намалуваше по 2010 година, иако немавме прогресивен данок. Тоа е затоа што претходната влада спроведуваше низа мерки, од кои дел популистички, чиј таргет беа посиромашните граѓани, како што се зголемување на социјалната помош, адхок раст на пензиите, земјоделските субвенции итн. Забележете дека нееднаквоста во Македонија растеше само ако се гледа според уделот на најбогатите 1%. Од податоците што неодамна ги објави Министерството за финансии, се забележува дека дури и во тие 1% (околу 10000 граѓани), трендот на брз пораст на доходот е воден од поединци а не од целиот перцентил – вели Петрески.

Неизбежно зголемувањето на даноците

Се уште нема јасен модел како би се извела промената во даночниот систем. Но Јовановиќ уверува дека реформата ќе се имплементира затоа што е, вели, еден од економските столбови на новата влада и пред се ветување дадено до граѓаните во предизборната програма на СДСМ. Извесно е дека ќе имаме прогресивно оданочување, но неизвесно кои ќе бидат праговите и кога ќе се воведе.

По локалните избори ќе следи јавна дебата на која Министерството ќе ги покани да учествуваат сите засегнати страни за да се дојде до модел кој нема да предизвика посериозна штета, а од кој бенефит ќе имаат сите. Јовановиќ подвлекува дека приходите во буџетот мора да се зголемат, а ова е најбезболниот начин да се направи тоа.

„Не можеме да се развиваме како држава без да ги зголемиме буџетските приходи. Јавноста треба да сфати дека ние имаме навистина ниски даноци, едни од најниските во Европа, кои резултираат со ниски буџетски приходи. Не може со ниски буџетски приходи да се обезбедат квалитетни јавни услуги. За да се инвестира во образование и здравство, потребни се пари, а најдобар начин да се обезбедат тие пари е преку воведување на прогресивен данок“, посочува тој.

Поразителните податоци дека речиси половина од вработените имаат месечен доход под 212 евра ја наметнува потребата од даночното ослободување. На доход до 7.500 денари ниту сега не се плаќа персонален данок, а Јовановиќ вели дека постои можност ова ниво да се зголеми.

Во Министерството се размислува со прогресивното оданочување да бидат опфатени и други даноци, како што е данокот за добивка. Се прават анализи дали со различна стапка да бидат оданочувани приходите по различни основи како закупнина и дивиденти, а и се уште се размислува за стапките. Она што е веројатно е дека со повисоки стапки ќе се оданочува разликата меѓу приходот и првиот праг, а не вкупната сума на приходи.

Даночниот експерт, Павле Гацов, смета дека главната придобивка од воведувањето на прогресивниот персонален данок на доход ќе биде поголемата праведност, а не зголемувањето на приходите во буџетот. Но предупредува дека „заради заштита на средната класа потребно е да се изврши повисоко позиционирање на даночната линија над која оданочувањето ќе биде прогресивно.“

„Во времето на примена на политиката на рамен данок, економскиот раст не беше задоволувачки, напротив стапките на раст после 2008 година имаа сериозно забавување. Од друга страна за овие 11 години постепено беше извршена прераспределба на економската моќ кон побогатите слоеви население и кон сопствениците на бизниси. За илустрација, на макро ниво профитите на компаниите за прв пат имаа поголемо учество од платите во однос на бруто домашниот производ. Ваквиот факт не е за пофалба ако се има во предвид бројноста на учесниците во содавањето на овие две агрегатни големини, профитите (сопствениците) и платите (преку половина милион работници).Прогресивното оданочување е поправедно во однос на пропорционалното“, вели Гацов.

Со ваква политика, додава тој, побогатите граѓани плаќаат малку повеќе од другите. Гацов препорачува освен кај персоналниот данок, Владата да размислува и за прогресивно оданочување на профитите на компаниите доколку стварно сака да ги зголеми буџетските приходи.

„Во Македонија може да се размислува и за воведување на прогресија и кај данокот на добивка со опфат на еден сегмент од оние компании кои остваруваат екстра профити благодарејќи на посебната економска позиција обезбедена од државата. Сметам дека Република Македонија собира премалку даноци во однос бруто домашниот производ, едвај една третина, Словенија на пример собира повеќе од една половина даноци во однос на бруто домашниот производ. Ќе признаеме за жал дека и квлитетот на јавните услуги во Македонија и Словенија не е ист“, вели тој.

Казнети затоа што се осмелиле да бидат побогати од мнозинството

Гацов смета дека недостасува сериозна евалуација на ефектите од примената на политиката на рамен данок во изминатите 11 години за да се дојде до релевантна оцена. Но бизнисот има јасен став по однос на ова прашање и го фаворизира рамниот данок.

Прогресивното оданочува би предизвикало серија на сериозни пореметувања, предупредува Антони Пешев, претседавач во Стопанската комора на Македонија, сопственик и основач на „Ултра.“ Според него таквата промена би можела да доведе до отпуштања на вработени и до намалување на платите, до зголемување на сметководствените трошоци на компаниите, а со тоа и отежнато функционирање на стопанството и на крај фискална евазија.

„Политиката на ‘Робин Худ економија‘ е убава како демагошка прикаска за постигање на краткорочни ПР ефекти но дефинитивно негативно ке влијае на растот на економијата и ќе предизвика сериозни негативни ефекти на компаниите до потенцијално затварање на некои од нив. Воведувањето на прогресивниот данок во овој момент е избрзана одлука. За да се донесе ваква одлука потребна е посериозна анализа, особено на пазарот на работна сила и како тој данок ке влијае на поедините сектори. Како човек кој доаѓа од информатичкиот сектор кој вработува исклучиво млади, високоодразовани луѓе, со сигурност можам да кажам дека неповолно ќе влијае на овој сектор и дека дополнително ќе го зголеми притисокот за заминување на младите и образувани луѓе од Македонија“, смета Пешев.

Бизисменот Зоран Витанов од Асоцијацијата на менаџери вели дека најавената реформа веќе предизвикува револт кај бизнис заедницата која ќе го извлече подебелиот крај од политиката на прогресивно оданочување. Менаџерите, вели тој, веќе отворено размислуваат за иселување од Македонија. Витанов смета дека реформата е популистичен обид на новата власт да се пресмета со оние кои најмногу придонесуваат за развој на економијата.

„Претходната Влада имаше мал милион катастрофални решенија, но ако нешто направи како што треба тоа е рамниот данок. Ако земам 200 евра плата, плаќам 20 евра персонален, ако земам 2.000 плата плаќам персонален колку цела плата на оној што има ниска плата. И тоа е праведно. Не треба да заборавиме дека Македонија има катастрофален тренд на иселување на млади амбиционзен кадри. Во таква негативна тенденција со воведување прогресивна даночна стапка, ние ги казнуваме најуспешните“, вели Витанов.

Нееднаквоста, смета тој, е последица на партизираното судство, узурпираниот парламент и недемократските процеси кои, вели, ја брануваа политиката изминативе години. Витанов посочува дека за имплементирање на реформата и екипирање на Управата за јавни приходи би се одлеале повеќе средства од оние што би се добиле од наплатата на прогресиовниот персонален данок на доход.

„Третина од членовите на Асоцијацијата размислуваат да се отселат од државата. За прв пат во животот се чувствувам дека сум казнет затоа што сум успешен, и се чувствувам дестимулиран да придонесувам за себе и за општеството, а во исто време најголемите криминалци се уште се без отпочнати судски процеси. Зарем од нас менаџерите почнаа да ја решаваат работата, го казнуваат тој што го полни буџетот, а го наградуваат тој што го празни буџетот“, вели Витанов.

Тој ја посочува Црна Гора, земја со рамен данок од 9 отсто, како поволно место каде бизнисмените од Македонија би го вложиле својот капитал доколку се огорчат од владините даночни политики. Црна Гора е инаку лидер во регионот според обемот на странски директни инвестиции. Земјата е привлечна за бизнис секторот поради поволните даноци, излезот на море и изградената инфраструктура, нешто со кое што Македонија не може да се пофали. Прогресивното оданочување, велат бизнисмените, може уште повеќе да ги намали нејзините шанси да се издигне над дното во регионот.

Tекстот е продуциран во рамки на проектот од Finance Think „Поттикнување економска дебата во Македонија, базирана на докази и водена од податоци”, во рамки на програмата Цивика Мобилитас.

Поврзани новости