Проглас: Сакаме да ја видиме Македонија како демократска и просперитетна држава, за никој да не може да ја краде и присвојува за себе

by Fokus
Форум за Демократска Македонија денеска објави проглас преку кој ќе се слуша гласот на демократски ориентираната иселеничка заедница. Прогласот го објавуваме во целост:

Кој?
 
Ние сме сите оние што и припаѓаат на широката заедница на демократски настроени и непартиски иселеници. Форум на сите оние со потекло од Република Македонија, но и на оние што се идентификуваат со неа. Отворен форум за размена и креирање на идеи и мислења за една демократска, граѓанска и европска Република Македонија.
Не’ врзува заедничка мисла и заеднички корен, без разлика на етничката припадност. Ја почитуваме различноста. Многумина од нас се и државјани на Република Македонија. Многумина заминати да се усовршат, да научат, да напредуваат во кариерата, да го видат и да бидат дел од светот, да зависат од себе во сопствената професија или бизнис.

Многумина заминати за да создадат подобар живот за себе и своите семејства. Некои се родени надвор, но со блискост до Македонија пренесена од родителите, роднините или претците. Македонија не ни е професија. Ние сме оние што се прашуваат што можам јас да сторам за Македонија.

Што?

Сакаме да ја видиме Македонија како демократска, прогресивна и просперитетна држава. Со здрава и стабилна демократија. За никој да не може и да не смее да ја краде или да ја присвојува за себе. Каде што вршителите на јавни функции даваат отчет и се менливи, каде што тие работат за општото добро, а не за себе. Каде што законодавната, извршната и судската власт се вистински поделени, а медиумите се слободни. Каде што религијата и државата не се мешаат. Каде што законите важат за сите подеднакво. Каде што не се дискриминира и се почитуваат човековите права. За Македонија да стане држава што оди напред и што создава подобар живот за сите нејзини граѓани. Македонија – целосно вклучена во евроатлантските структури и организации. Таму каде што припаѓа.

Зошто?

За да се здружиме сите ние што не се препознаваме во етноцентричката и националистичката реторика за Македонија, со која честопати се поистоветувани иселениците. За да ги поддржиме и поттикнеме во Македонија оние демократски вредности и процеси што сме ги искусиле и кои се норма таму каде што живееме. Затоа што се уште имаме семејства и пријатели и се грижиме за нив и за иднината на земјата. Затоа што дел од нас, каде и да сме, секогаш ќе остане врзан за Македонија. Затоа што Македонија ја чувствуваме наша исто онолку колку и секој што живее таму.

Кога и како?

Сега, заеднички и со работа. Македонија има шанса за нов почеток. Ќе поддржуваме, ама и ќе се спротивставуваме, ќе фалиме, ама и ќе кудиме. Ќе даваме идеи, ќе споделуваме искуства од нашата работа низ светот, ќе зборуваме јавно, но и ќе слушаме. Ќе бидеме вистински форум преку кој ќе се слуша гласот на демократски ориентираната иселеничка заедница, глас што можеби досега се слушаше само од поединци или од помали групи.

Ние сме лицето на Република Македонија таму каде што живееме. Ќе ги поттикнуваме и ќе ги зајакнуваме врските на Македонија со државите во коишто живееме. Ќе ги јакнеме почитта и разбирањето, за да ги надминуваме историските проблеми и предрасуди. Ќе ги поддржуваме и поттикнуваме врските со сите други иселенички организации од Македонија кои работаат во интерес на демократска Македонија.

Колку?

Не има од сите континенти. Ние сме модерни “печалбари”, “дијаспора”, “емигранти”, “иселеници”. За нас светот е глобално село, а Македонија, како мал дел од него, заслужува да има подеднакво среќни луѓе.
Форум за Демократска Македонија – форум на сите оние што живеат ширум светот, но зборуваат со еден глас, глас за демократска Македонија. Ако се препознаваш во овој глас, повели и придружи се, зашто и ти си дел од нас!

Поврзани новости