Професорскиот пленум не се откажува од дебата, го повикаа и ректорот Стојковски

by Фокус 12:42
12:42

Професорскиот пленум повика на јавна телевизиска дебата за соочување на аргументите околу Законот за високо образование. Во меѓувреме му испрати писмо на ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски со повик да застане зад колегите и да се спротивстави на обидот на Владата да протне решенија со кои не се согласува академската заедница.

Ваквиот начин на делување на професорите потврдува дека тие немаат намера да се откажат од идејата за јавна дебата и прифаќање на конструктивните аргументи. Како и на предлозите што ги промовираат студентите преку протестите. Затоа пофесорите му напишале на ректорот:

„Како што веќе знаете од медиумите, како одговор на иницијативата на нашите студенти, кои повеќе од два месеца протестираат и се обидуваат да издејствуваат конструктивен дијалог со државните институции во врска со измените на Законот за високо образование, и ние професорите конституиравме Професорски пленум. Во него членуваат и активно дејствуваат преку 500 професори од сите универзитети во Република Македонија. Со нашето дејствување сакавме да го поддржиме она што низ институционалните канали го правеа деканатите и ректоратите. Иако нашиот глас беше единствен, а приговорите аргументирани и во висок степен хармонизирани, сепак се удрија од ѕидот на молкот на институциите.

- Advertising -

Во овој момент, веќе нема дилема дека Владата на Република Македонија не е подготвена за јавна дебата и ги користи сите средства на моќ, па и принуда, да создаде раздор во академската заедница, но и да стигматизира и да ги заплаши особено помладите колеги (доценти и асистенти) кои или мораат да се запишат на листата на „подобни“ професори или да се казнат затоа што се потпишале на писмата упатени до Владата и Собранието. Досега бевме трпеливи, но очекувавме и од Вас да го дигнете гласот во одбрана на нашиот дигнитет. Сега веќе трпението е пред крај – ние сме понижени и навредени, па дури и принудени да излегуваме на протести и да зборуваме пред зградата на Собранието, само за да покажеме дека сме подготвени со сите средства да ја браниме автономијата на универзитетот. Цениме дека не е доволно со јавноста да се комуницира само преку штури соопштенија на ректорска управа и на сенатот, па дури и на Интеруниверзитетската конференција, кога законот е на чекор до донесување и тоа во постапка која нема ништо заедничко со демократската процедура. Свесни сме дека поканата упатена од Владата, за разговор само три дена пред второто читање на Законот (со или без амандмани) во Собранието е фрлање прашина в очи и создавање привид на дијалог со нас, како академска заедница. Ние со индигнација одбиваме да им дадеме легитимитет post festum.

Со ова писмо, ние професорите на УКИМ кои членуваме во Професорскиот пленум, актуелни и пензионирани, но и сенатори и академици, бараме од Вас јавно да застанете во одбрана на дигнитетот на нашиот Универзитет (и на универзитетите воопшто), бараме јавно да укажете на хајката против личности – ваши ценети колеги. Очекуваме поангажирано да застанете во одбрана на консензуално искажаните ставови на факултетите, но и да не дозволите и по третпат да бидете изманипулирани со наводна дебата организирана од страна на Владата. Ние сме подготвени за конструктивна соработка за подготвување сосема нов Закон за високо образование, но само во демократска атмосфера, со пристоен рок и со широка консултација на сите засегнати.

На крајот, Ве повикуваме Вас, заедно со целата ректорска управа да се потпишете на писмото кое планираме да го упатиме до претседателот Иванов, а со кое ќе бараме да стави вето на законот. Вашето место е меѓу студентите и професорите кои два месеца солидарно стојат на заедничка линија на одбрана на универзитетот, особено УКИМ.“

Што се однесува до јавното телевизиско соочување професорите очекуваат суштинска дебата со сите кои се релевантни да зборуваат и да предлагаат. Ако власта остане глува на сите повици за разумно и конструктивно преговарање, тогаш на професорите и студентите ќе им остане можноста да реагираат кај претседателот Иванов да стави вето на законот, но колку тој, со оглед дека потекнува од професорската заедница, ќе има храброст да излезе со спротивно мислење од тоа на Владата. Да не заборавиме дека се формираше и контра- пленум, иако претежно со анонимни професори, кој може да го „привлече“ вниманието и ставот на Иванов. Па така да се оправда дека застанал на страната на професорите.

 

 

Поврзани новости