Професорот Дамовски: Ми недостасуваат учениците, комуникацијата во живо со менторот ништо не може да ја замени!

by Fokus

Онлајн-учењето беше нешто кое не беше пракса во Северна Македонија, особено за основните и средните училишта. Но, кризата поради корона вирусот промени некои работи.

Стандардната настава се префрли на електронските уреди уште пред неколку месеци, со цел заштита на учениците од ширење на опасната зараза.

Сергеј Дамовски веќе 20 години работи како професор по ликовно образование во повеќе средни училишта во Скопје. Негово прво матично средно училиште било СУГС „Цветан Димов“, а последните 12 години е во гимназијата Орце Николов во паралелки од прва и втора година, но и во изборните паралелки од трета и четврта година.

На еден ден пред завршување на учебната година, тој во разговор за „Фокус“ раскажа како изминал целиот овој период, додавајќи дека се потрудил да не се чувствува разликата кај учениците помеѓу онлајн и стандардното предавање.

Откако почнавме со работа на онлајн настава, навистина во прв момент беше предизвик додека изберам електронска алатка која би била најфункционална за мојот предмет преку која ќе успееме заедно со учениците да ги совладаме наставните единици до крајот на школската година. Излезе дека гугл класрум ги има сите можности кои мене ми требаа за електронска настава како наставник, а учениците убаво се вклопија и првата задача беше со тема „Плакат во време на вонредна состојба поради пандемија на корона вирус“ што пројде како генерална проба. После се течеше „како подмачкано“, нормално со повремени технички проблеми кои се надминуваа со искуство“, вели Дамовски.

Сепак како што истакна тој, предметот ликовна уметност си бара интеракција со учениците, а работата на час со менторот е незаменлива.

Како и секој професор, така и Дамовски се соочил со одредени проблеми за време на е-наставата.

Учениците не можеа да ги испратат задачите преку класрум. Тогаш стапуваше на сцена преписка преку емаил, разговор по телефон итн, но навистина такви случаи беа многу ретки. Секако мојата задача беше јас прво да им пратам се за новата тема која треба да се совлада; презентации, линкови од видеа и материјали на интернет, да им биде јасно што се бара, потоа и упатство што треба да сторат исто така со линкови на темата, се комуницираше преку преписка, се даваа совети и образложенија каде беше потребно“, додаде Дамовски.

Сепак, професорот додава дека стандардното предавање во училниците не може со ништо да се замени.

Ми недостасуваат учениците. Ми недостасуваат дискусиите кога ќе седнеме во крукче и понекогаш играње „мајтап“ со наставната единица. Некои моменти од комуникацијата „во живо“ со менторот се незаменливи, но во корелација со  електронски алатки, наставата може да биде уште поквалитетна“, го заврши разговорот тој.

Учебната година завршува утре, а оваа година поради пандемијата на корона вирус, матурантите нема да полагаат државна матура.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости