Професорката Живковска била донатор на ВМРО-ДПМНЕ, тврди СДСМ

by fokus

Предлогот од ВМРО-ДПМНЕ за уставен судија, Родна Живковска не е личност која нема допирни точки со политиката, туку напротив, таа е донатор на ВМРО-ДПМНЕ, порача пратеникот на СДСМ Мартин Костовски на денешната седница на Комисијата за прашањата за изборите и именувањата.

-Професорката Родна Живковска е донатор на ВМРО-ДПМНЕ. На 14 февруари 2020 година, таа уплатила 25.000 денари на сметката на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така многу е битно да се спомене дека нејзиниот син, Иван Живковски е претседател на Советот на општина Кисела Вода. Покрај тоа што е претседател на Советот, Иван Живковски склучил договор со ЈП лајка за адвокатски услуги што претставува судир на интереси, рече Костовски додавајќи дека за уставни судии треба да се изберат професионални кадри кои немаат никаква врска со политички партии.

По неколкучасовна расправа, попладневво беше прекината седницата на собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Ова е втор ден како пратениците расправаат за избор на уставни судии.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои денеска дискутираа за биографијата на професорката Родна Живковска, сметаат оти таа заслужува да биде уставен судија, бидејќи нејзината биографија покажува дека таа целиот свој живот го има посветено на правото.

На расправата не присуствуваа мнозинството пратеници од власта, а тоа го осудија дел од пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека за вака важно прашање не би требало да дебатираат во празна сала. Единствено присутен беше Костовски.

Комисијата треба да се произнесе уште за осум предлог-судии. Освен предлогот Фатмир Скендер да биде избран за уставен судија, пратениците треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени од владејачките партии, и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.

Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.

Поврзани новости