Професорката Симоновска препозна двајца од насилниците, обвинетиот Митко Пецев се пофали пред судот дека одел и на други протести

by Fokus

Професорката Цветанка Симоновска, советничка на СДСМ во Општина Центар препозна двајца од демонстрантите кои биле најгласни на насилните протести во Општината во 2013 година.

На денешното рочиште во Кривичниот суд таа го препозна Александар Трајковски, советникот во Општина Гази Баба, кој, рече половина од времето го поминал со главата во бараката, а со нозете надвор. Вториот кој го идентификува Симоновска, која е сведок на СЈО, е обвинетиот Митко Пецев. За него таа рече дека го гледала и на други протести на што обвинетиот довикна во судницата и му се пофали на судијата, без да добие збор, на кои се протести учествувал.

На прашање од обвинителката.Фатиме Фетаи кој е нарачател на протестите, Симоновска го спомена обвинетиот Никола Груевски.

-Се чувствувам како колатерална штета, сакајќи тогаш премиерот Груевски да истера некоја своја правда со градоначалникот Жерновски – рече Симоновска на која судијата и дозволи да одговори и покрај тоа што одбраната приговараше дека Фетаи го наведува сведокот.

На свое барање Симоновска рече дека не и е јасно зошто од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ се обвинети само тројца, кога сите советници од оваа коалиција учествувале во голготата, како што ја нарече, излегувале надвор меѓу толпата, рипале на масата на Шиповиќ и го злоупотребувале деловничкото право.

Симоновска за време на сведочењето рече дека организираното делување меѓу советниците на ВМРО ДПМНЕ и толпата било евидентно. Дека телефоните цело време работеле и дека во еден момент на Рангелова и било речено да го остави телефонот, кој и бил цело време во рака.

М.В.

Поврзани новости