Професорката Алексиќ за „Фокус“: Ваков партиски поделен и спобудален систем наметна ,,мода” на менаџери и магистри

by Fokus

Потребни се сериозни реформи во образовниот систем, враќање на дуалното образование, вложување во практична настава, вработување по завршено средно стручно образование, а со тоа ќе се растовари хиперпродукцијата на високо образувани кадри, кои не можат да се вработат по завршен факултет, магистрирање или докторирање, вели за „Фокус“ професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ.

-Мануелците се барани секаде низ светот, а и платени, само кај нас се наметна ,,мода” на менаџери и магистри. Ученикот треба да научи да учи! Да го засака учењето, училницата и учителите! Да не се фрустрира од систем каде успехот се вреднува според стекнатиот капитал, оти и тоа не е вечно, туку одговорно да вложува во знаењето.

Видливи се незнаењето и неукоста, само што во ваков партиски поделен и спобудален систем, се прифаќаат такви луѓе на челни позиции во општеството.

Затоа е сѐ наопаку. Колку и да сакаш да си принципиелен и непопустлив за оценки, над секој ,,капо ди тути капи” има уште еден таков над него. Кога тие нема да ни ургираат и ќе им биде непријатно, на другите нема ни да им текне. А кога ќе поправиш една таква оценка, ќе им поправиш на сите за да не бидеш лошата маќеа. Тријадата ученик, учител, родител да соработува и да научи да се срами кога бара оценки за успех. Станавме бесрамни во побарувањата за успеси, коментира професорката.

Според професорката Алексиќ, главната причина за резултатите на приемниот тест кај одличните ученици во гимназијата  „Орце Николов”, е тоа што образовниот систем стимулира петки како единица мерка за успех и упис на факултет.

– Такви се образовните политики, уписните трески, врскаџискиот систем и примерите кои им ги даваме на децата – вредиш онолку колку имаш, а не колку што знаеш или умееш. Успехот се форсира со ,,сите петки” , а тоа е реално невозможно. Образовниот систем не стимулира туку симулира петки и вештачки успех, а писменоста со хиперпридукција на ,,школувани” кадри си ја покажува на дело импровизацијата, вели таа.

Според професорката ефектот е реално видлив, а сето ова што се случува се последиците, а секоја гимназија треба да прими ученици и со послаб успех во одреден процент, добри и многу добри па да се борат.

-Кај децата битен е мотивот кој се менува во тек на животот. Не е воопшто едноставно оценување по бодовни скали и критериуми, воспитниот процес вреднува вештини, способности, талентираност, одговорност, емоционална интелигенција која не може да се препознае само преку тестови, писмен одговор или две-три испрашувања во текот на учебната година. Ние имаме и ученици кои имаат психофизички проблеми, семејни проблеми, а да не потенцирам со колку проблеми се соочивме овие три ковид години. Едноставно критериумот, сакале или не, се смени исто како и начинот на животот. Но тоа е инцидентно, проблемот трае најмалку три децении, појаснува Алексиќ.

Проблемот со петките не е нов

Со години се зборува за стимулација на надарените и вистинските одлични ученици, но ништо во реалноста не се презема и многу често вистински одличните ученици на крајот на учебната година се најмногу разочарани од системот, за ова професорката Алексиќ вели дека е „најболната“ тема.

-Како да им излезеш пред очи кога ќе ставиш незаслужени петки од илјада причини ама еден повод – успех за упис на факултет. Напишана петка е напишана, никој не знае што стои зад неа. Затоа се такви резултатите на приемниот во ,,Орце Николов”. Очекувано беше после тригодишна импровизација на настава. Јаките ученици, одговорно учат во било какви услови и постигнуваат максимални резултати. Најмалку што можеме е да им ја потенцираме генијалноста пред сите, особено пред родителите, да им се извиниме што ќе имаат и други ученици петки заради успех и да ги ослободиме од испрашување последните две -три недели, додека другите си ги поправаат оценките за успех, додава таа.

ЕК со сериозна критика за образовниот систем во Македонија

Македонија беше критикувана во Годишниот извештај на Европската комисија, кој напредокот во областа на образованието и културата го оцени како ограничен.

-Во однос на образованието и културата, Северна Македонија е умерено подготвена. Во периодот на известување е постигнат ограничен напредок, земајќи ја предвид ситуацијата со КОВИД-19 која длабоко влијаеше на образовниот систем. Презентацијата на целите и индикаторите за сеопфатната стратегија за образование 2018-2025 година напредува полека, исто како и имплементацијата на соодветен систем за следење, се нагласува во Извештајот за напредокот кој излезе во февруари годинава.

Министерството за образование и наука (МОН) стагнацијата на реформите во областа на образованието тогаш ја оправдуваше со компликациите што ги создаде глобалната пандемија КОВИД 19.

Од Министерството за образование и наука се правдаа дека имаат конкретни стратегии за образованието 2018-2025 година, нова програма за работа, но и иницирани се низа реформи кои ќе се интензивираат во наредниот период.

Во извештајот за напредокот беше забележано дека препораките на ЕК дадени на Македонија во 2020 година се делумно исполнети, така што повеќето од нив повторно се препорачуваат да се спроведат во текот на 2022 година.

Не нема ниту на Шангајската листа

Сегашната состојба изгледа песимистичка и во однос на квалитетот на образованието во високото образование. Оценувањето на универзитетите кај нас од страна на релевантни меѓународни институции не е направена од 2016 година.

“ShanghaiRanking Consultancy” е целосно независна организација која врши оценување на универзитетите ширум светот. Повеќе од 1800 универзитети се оценуваат од експерти за образование кои се испраќаат во соодветната држава каде што во текот на годината го мерат квалитетот на универзитетите врз основа на четири категории:

Секоја година организацијата ја објавува листата на 1000 најдобри универзитети.

Врз основа на оценките на Шангајската листа, само универзитетите рангирани во првите 6 се акредитирани да нудат програми за докторати. За да универзитетите од Северна Македонија бидат дел од светската ранг-листа, Министерството за образование и наука треба да ги покани светските организации и нивните експерти да дојдат во нашата земја и директно да вршат истражување и евалуација на универзитетите.

На почетокот на февруари, во јавноста голема врева предизвика објавувањето на светската ранг листа Webometrics рангирање на светските универзитети (Webometrics). Според оваа листа, универзитетите кај нас не само што биле многу слаби на светското рангирање, туку и изгубиле бодови во однос на претходната година. Сепак, ова рангирање од страна на експерти за образование не се оценува како адекватно бидејќи не постои релевантна методологија за да се направи соодветна проценка. Оценката што ја прави Webometrics се заснова на собирање податоци за онлајн перформансите на универзитетите ширум светот, односно мерењето на публикациите на универзитетите на веб-страницата.

Соња Танеска

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости