Професорите од економското Васил Антевски – Дрен го напуштаат СОНК?

by Фокус

Синдикалниот одбор на скопското средно економско училиште Васил Антевски – Дрен најавува дека ќе го напушти Синдикатот за образование, наука и култура поради незадоволство од однесувањето на раководството на чело со претседателот Јаким Неделков, поради што професорите од ова училиште веќе не плаќаат членарина.

Меѓудругото, тие се револтирани бидејќи не се почитува Спогодбата потпишана врз основа на Колективниот договор за средното образование во 2014 година меѓу Неделков и тогашниот министер за образование Абдулаќим Адеми, која предвидува пресметката на платата на наставници во средните училишта да се заснова на најниската плата во државата.

spogodba-mon-sonk

Меѓутоа, претседателката на Синдикалниот одбор во Васил Антевски – Дрен, Мери Димитровска, за Фокус вели дека при пресметката на вкупната плата не се следи зголемувањето на миминалната плата во бруто-износ од година во година, така што моментално 7.400 професори во средните училишта добиваат околу 70 евра пониска плата.

Основната плата на вработените во средните училишта се пресметува според точка 1 од Спогодбата, според која најниската плата за најнискиот степен на сложеност за вработените во средните училишта изнесува 12.492 денари. Но, во истата Спогодба, точката 3 поставува услов основната плата на работникот да не биде пониска од објавената висина на минималната плата во бруто износ во тековната година, која за годинава изнесува 14.739 денари – објаснува Димитровска.

Инаку, тие ангажирале и вешто лице кое потврдило дека не се почитува точката 3 од Спогодбата меѓу СОНК и Министерството. Во изработеното мислење, вештото лице наведува дека пресметката на платата за наставниците во средните училишта се прави на тој начин што најниската плата се множи со соодветен коефициент за степен на сложеност.

„Доколку при пресметка за плата во средното образование се примени единствена основа за пресметка на плата, односно минималната плата одредена со Законот за минимална плата, тогаш основната бруто-плата на работникот во ноември 2015 година наместо 31.642 би изнесувала 35.751 денари“, стои во вештото мислење.

dren

До СОНК упативме неколку прашања во однос на обвинувањата на синдикалната организација во скопското економско училиште, но досега не добивме одговор. Сепак, Димитровска вели дека од Регионалната организација Кисела Вода добиле неодреден одговор дека „пресметката на платата е на национално ниво според Колективниот договор за средно образование и платата за техничкиот персонал е еднаква на национално ниво“.

Во овој период, Раководството на СОНК направи притисок врз директорот на училиштето да превземе мерки и да почне да се уплаќа членарина, па пред некој ден го посети претседателот на Кисела Вода за да провери дали има доставено кај благајникот Одлука за неплаќање. Но, со нивните постапки всушност потврдија дека се работи само за парите, а воопшто не се битни барањата и условите во кои работат и живеат членовите на СОНК – порачува Димитровска.

Влатко Стојановски

Поврзани новости