Професор од Шумарски факултет: Жешкиот асфалт е шок за растенијата!

by Fokus

Сите утки што се случуваат со дрвјата низ Македонија, дали станува збор за нивно бетонирање, или асфалтирање – не се непознаница за нашата јавност и тоа е проблем кој се случува долги години наназад.

На оваа тема поразговаравме со професорот од Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ , Бојан Симовски, кој даде свој стручен коментар за ваквата ситуација.

Има стебла „притиснати“ од цврсти материјали точно во зоната на кореновиот врат и непосредно под неа (бетон, асфалт, разновидни плочки). Овој анатомски дел на дрвенестите растенија ја создава врската помеѓу кореновиот систем и надземните органи (деблото и крошната) и е од исклучително значење за правилниот раст и развој. Всушност, тој претставува активатор на растителниот организам во преминот од период на привидно мирување во период на вегетативно „будење“ и создавање хемиска од светлинска енергија. Неколкудневна континуирана повисока просечна температура, зависно од растителниот вид, значи „дојава“ за активирање на организмот, бидејќи се создале надворешни услови за почеток на вегетацискиот период“, вели Симовски.

Ваквите појави – асфалтирање и бетонирање на дрвата имаат лошо влијание врз овие растенија и предизвикуваат шок за самото дрво.

Светлината што се рефлектира од поплочени или асфалтирани површини во непосредна близина на кореновиот врат е поголема од онаа што (не) ја одбива почвениот слој или тревната површина, па на тој начин негативно влијае на евентуалниот вегетативен шок односно на зголемување на физиолошкиот стрес на растението, што, пак, конечно може лошо да се одрази врз општата состојба на организмот (слично на имунолошкиот систем кај луѓето)“, додава нашиот соговорник.

Растенијата во дивината и растенијата во градската средина се сосема различни и нивниот животен век е значително пократок.

Во градот растенијата имаат подинамичен и покус животен век, меѓу другото, како резултат на вегетациските стресови, но и поради снабденоста со поголемо количество гасовити материи. Од водата што се црпи со кореновиот систем и јаглеродниот двооксид од атмосферата при (дневна) светлина, растенијата создаваат за себе органски материи кои ги користат за различни процеси во клетките и ослободуваат кислород во воздухот со одредено количество водени молекули. Тоа може да го наречеме коменсализам или друга симбиотска карактеристика, затоа што во градот ним им ги „нудиме“ за користење гасовитите честички, особено од возилата, како градежен материјал за создавање енергија или за останати потреби при размена на гасови во различни процеси преку нивните отвори наречени стоми“, го заврши разговорот Симовски.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости