Професор Матевски: Ако МОН не ги надмине разликите со факултетите, нема да може да ја имплементира новата концепција

by fokus

Додека Министерството за образование продолжува со објаснување на новиот концепт за основно образование, остануваат несогласувањата од страна на дел од стручната фела, факултетите и Институтите. „Фокус“ разговараше со професор доктор Зоран Матевски, социолог на образование кој е раководител на Центарот за интеркултурни студии и истражувања и раководител на Комисијата за настава на Филозофскиот факултет.

Тој вели дека Министерството прво требало официјално да се обрати до Факултетите и Институтите каде што работат универзитетските професори од областа на педагогијата и психологијата, а не да ги поканува да работат во тимот по свое видување и избор. Нагласува дека во моментов постојат сериозни разлики во однос на концепцијата (од содржински и концепциски аспект) помеѓу МОН и Факултетите, особено на УКИМ. Ако тоа не се надмине МОН едноставно ќе удри во ѕид и нема да може да ја имплементира новата концепција, смета професорот Матевски.

Разговараше: Катерина Смилева Божиновска

Фокус: Дали сметате дека времето до септември 2021 е доволно за да направат измените во образовниот систем кои ги предвидува новиот концепт? (интегрирани предмети, нови наставни програми, наставни материјали…)

Проф. доктор Матевски: Се зависи од тоа дали МОН ќе ги прифати забелешките, коментарите, критиките и аргументираните барања за сериозни интервенции во нацрт-концепцијата за основно образование, од страна на Факултетите, Институтите и Универзитетите во државата. Најголемиот дел од реакциите кон нацрт-концепцијата се состојат од барања за сериозни промени и преобмислувања, особено во делот за интегрираните курикулуми. Концепцијата заглави во својата прва фаза од неколку причини. Како прво МОН требаше да се обрати званично до Факултетите и Институтите каде што работат универзитетските професори од областа на педагогијата и психологијата, а не да ги поканува да работат во тимот по свое видување и избор. Така тие ќе добијеа целосен легитимитет од институциите од каде што доаѓаат, а уште поважно сработеното ќе го споделуваа на состаноци со останатите колеги од Институтите и Факултетите каде што припаѓаат. Можеби ќе одеше поспоро, но предложената концепцијата во многу ќе добиеше на квалитет и легитимитет. Како второ, секаде во Европа и светот кога се прават вакви сериозни образовни реформи се вклучуваат и универзитетски професори од областа на социологијата (заедно со педагогозите и психолозите). Без да го имате во предвид општествениот контекст со сите негови фактори и индикатори, невозможно е да направите концепција која ќе биде прифатена од сите заинтересирани страни. Додека не се додефинира (редефинира), концепцијата не може МОН да помине на втората фаза (изработка на наставни програми). Во моментов постојат сериозни разлики во однос на концепцијата (од содржински и концепциски аспект) помеѓу МОН и Факултетите, особено на УКИМ. Ако тоа не се надмине МОН едноставно ќе удри во ѕид. Во таква една ситуација, тешко дека ќе се најде јунак кој ќе влезе во тимовите за правење на предметните програми, затоа што ќе биде екскомунициран од своите колеги. Политика имало и ќе има во сите сфери на општествениот живот, но генерално овие состојби и случувања немаат политичка заднина. Кога МОН официјално ќе ги добие званичните реакции (базирани на научни аргументи и анализи),  во однос на концепцијата од страна на факултетите, ќе види дека се донесени едногласно (или со незначителен број на гласови против). Како што сега стојат работите тешко дека имплементацијата на новата концепција во основното образование ќе почне во септември 2021 година.

 

Фокус: МОН вели дека ќе ги консултира сите страни и ќе ги вклучи во процесот на правење на концептот, но исто така најавува дека во септември концептот ќе почне да се имплеметира во прво и шесто одделение. Како Вие гледате на ова?

Проф. доктор Матевски: МОН им даде можност на високо-образовните институции да ги достават своите забелешки до 20 јануари. Тоа е не е доволно, бидејќи преставува еднонасочна комуникација. МОН треба да влезе во директна комуникација со Филозофските, Природно математичките и Педагошките факултети, како и со факултетите за Музичка и Ликовни уметности на сите Универзитети во Р. Северна Македонија. Тоа би се остварило на средби и расправи на кои би учествувале членовите на тимот кој што ја подготвувал нацрт-концепцијата и професорите на горенаведените факултети. Само така може да се додефинираат или редефинираат одредени делови од нацрт-концепција, особено понудениот наставен план. Ако ги следите европските и светските искуства,  тогаш ќе видите дека ниедна образовна реформа не може да се имплементира доколку ги немате Универзитетите како најбитни партнери. Како последица на игнорирање на Наставничките Факултети на Универзитетите, настана оваа лавина на жестоки реакции. Како социолог на образование, јас ви тврдам дека оваа концепција нема да може да се реализира само преку наставниците во основно образование, невладиниот сектор и членовите на тимот. Заради тоа не треба да се брза, и не е ништо страшно ако имплементацијата на концепцијата во прво одделение, наместо во 2021 започне во 2022 (се разбира доколку не се стигне со сите предвидени активности). За шесто или некое друго одделение, не сакам ни да размислувам дека може да започне  со новата концепција догодина.

 

Фокус: Зошто сметате дека групирањето на повеќе предмети во еден треба да се преобмисли?

Проф. доктор Матевски:  Според мене, редефинирањето на наставниот план е императив, бидејќи ова е најпроблематичниот дел во нацрт-концепцијата. Заради тоа вака дизајнираниот наставен план со понудените предмети не е консеквентен на иницијалните идеи во концепцијата и на нејзините појдовните фундаменти, и во однос на учениците и во однос на наставниците кои треба да ги реализираат вака интегрираните предмети. Доколку во најголемиот дел од наставниот процес  по интегрираните задолжителни предметите општествени науки и природни науки, секој од наставниците си влегува сам на час и си го реализира својот модул по историја, граѓанско образование, општествена географија, религија и етика (или модулите по биологија, физика, хемија и физичка географија), тоа нема никакви допирни точки со мултидисциплинарност и холистички пристап кој треба да обезбеди  почитување на потребите и интересите на учениците и развој на потенцијалите на секој ученик за критичко размислување и расудување. Единствено учениците ќе бидат посреќни што ќе имаат еден предмет помалку, и ќе имаат помалку задолжителни предмети (и повеќе изборни предмети) во однос на претходните наставни планови за деветгодишно основно образование. За сепак да се обезбеди каква таква мултидисциплинарност, концепцијата предвидува по овие предмети да се реализираат теми кои мултидисциплинарно ќе обработуваат одредени општествени или природни феномени. Сето тоа е во ред, но како прво тие теми треба да бидат застапени со повеќе од 50 % од наставната програма. И како второ, наставниците треба заеднички да ги реализираат темите (заедно влегуваат на час) преку тимска работа, во која ќе ги поделат децата на неколку групи. Ако секој наставник сам си го реализира феноменот од аспектот на својата научна дисциплина, ништо не се постигнува од појдовните цели на концепцијата. Вака се добива впечаток дека главна цел на воведувањето на овие интегрирани предмети е идејата предметите општество и природни науки, наместо до петто или шестто оделение да се изучуваат континуирано до деветто оделение. Сето друго е само фрлање прав во очи и замајување на јавноста.

 

Фокус: Дали може да се постигне мултидисциплинарност и холистички пристап без интегрирање на повеќе предмети во еден и како може тоа поинаку да се направи?

Проф. доктор Матевски: Секако дека може. Едниот пристап е да не ги интегрирате предметите, а наставниците спред интересите, афинитетите и капацитетите на учениците (а тоа е најважно тие да се чувствуваат среќни и исполнети во училиштето) сами да се договараат заеднички да обработуваат одредени теми. Во тој случај сите опции се отворени (може било кои два или три предмети да вклучите во обработка на одреден феномен (македонски јазик со историја, биологија со географија, граѓанско образование со религија итн.) Овој пристап е многу сложен и бара сериозна и долгогодишна обука на наставниците. Оваа концепција е карактеристична за финскиот образовен модел, за кој толку многу се зборува во јавноста. Но мора да се напомене дека за да може овој модел успешно да функционира основното и средното образование треба да се интегрирани во едно училиште. Така се постигнуваат најдобрите резултати. Вториот пристап е кога се интегрираат слични научни дисциплини. На пример музичко и ликовно образование (како што е  и во нацрт-концепцијата), религија и етика, математика и физика, биологија и хемија, биологија и географија итн. Наставата во вака интегрираните предмети, се изведува исклучиво тимски и дава добри резултати во одредени образовни системи во светот. Нешто од ова може да се имлементира и во предложената концепција, се разбира доколку се најде заеднички јазик помеѓу МОН и факултетите, кои си го штитат својот кадар кој го профилираат во текот на сдудирањето. Мора да се истакне дека кон интердисциплинарен и интегриран пристап, тежнеат се повеќе земји во светот, со клучна напомена дека тоа го имлементираат многу внимателно и во еден долготраен процес.

 

Фокус: Според Вас, кои се добрите страни на предложениот концепт?

Проф. доктор Матевски:  Како прво треба да се поздрави идејата и практичните напори да се реформира основното образование во Р. Северна Македонија. Концепцијата е компатибилна со Националната Стратегија за образование и Националната Стратегија за едно општество за сите и интеркултрализам. Сама по себе е прилично амбициозно поставена. Иницијалните идеи за инклузивност, родова сензитивност и интеркултурност се одлично препознаени како суштински во рамките на современото македонско општество. Са секоја почит е што за прв пат се воведуваат национални стандарди  за основното образование со јасно определени компетенциите што треба да ги стекнат учениците на крајот на основното образование. Исто така препознаена е важноста за вметнување на наставни содржини поврзани со феноменот на религијата, континуирано во сите девет оделенија. Но сето ова може да се сруши како кула од карти доколку не се препознае улогата на научната елита во државата, која му дава јасни сигнали на МОН дека треба да се преобмисли и редефинира наставниот план (се разбира исклучиво со научни аргументи).

Поврзани новости