Професионалните војници на крајот на ангажманот со можност да добијат 1.000 евра за секоја година минат труд

by Fokus

Професионалните војници со навршени 45 години ќе добијат можност да одлучат или да продолжат со работа во некоја од државните институции или пак да искористат т.н. испратнина со финансиски средства од 1.000 евра за секоја година помината во службата на Армијата. Средствата ќе бидат исплатени на сите нив од страна на Министерството за одбрана.

Тоа значи ако некој професионален војник работел 15 години, тогаш тој ќе добие 15 илјади евра. Ако работел меѓу 20 и 25 години во Армијата, ќе добијат финансиска опремнина меѓу 20 и 25 илјади евра.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната прес-конференција посочи дека за оваа можност вчера Владата даде зелено светло на седницата и таа очекува многу брзо и Собранието да ги одобри ваквите измени на Законот за служба во Армијата.

– Веќе имаме согласност да додадеме уште еден квалитет на професијата професионален војник. Денес уште еднаш покажуваме дека условите за работа во Армијата не се наша грижа од време на време, туку секој ден и постојано. Дека постојано ја подмладуваме Армијата, но не забораваме да се грижиме и за оние кои што ја граделе, ја градат, целата своја кариера ја минале во Армијата. На крајот на својот ангажман во Армијата, доколку не продолжат со работа во државните органи, да добијат еден финансиски пакет кој ќе им даде шанса понатаму, рече министерката.

Поврзани новости