Професионални, а не партиски кадри да се изберат во Комисијата за антидискриминација, бара НВО

by fokus

Амандманите на Законот за спречување и заштита од дискриминација во делот кој ја уредува постапката за изборот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација беа во центарот на јавната расправа организирана денеска од собраниските комисии за европски прашања и за еднакви можности.

Пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за еднаквост на жените и мажите Гордана Силјановска Давкова вели дека нивните забелешки на законскиот текст се однесуваат на мандатот на членовите на Комисијата, на заострување на критериумите за избор и за разрешување на членови.

-Забелешката на Венецијанската комисија е дека не е добро да има реизбор, јас исто така сум поборник на тоа дека не треба да има мандат 5 + 5 , десет години, туку треба да има флуктуација на луѓе кои се квалификувани за оваа материја. Се плашам од премногу моќ на едно место. Второ мислам дека критериумите за избор треба да бидат построги. Не е доволно за мене да напишете 240 кредити и седумгодишно иускуство во сферата на слободите и правата туку поконкретни критериуми. Постапката целосно се согласувам со НВО секоорт дека треба да биде поинаква. Би сакала профилот на Комисијата да личи на оној за изборот на Антикорупциската, односно да има повторно партнерство меѓу НВО и пратениците, вели Силјановска Давкова порачувајќи дека е потребен квалитетен закон.

Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација на граѓански асоцијации бара да се усвои нивниот амандман на член 18 од Законот со кој се регулира изборот на Комисијата со цел да осигураат дека изборот на членови ќе биде спроведен во транспарентна и инклузивна постапка и ќе се изберат луѓе врз основа на нивната заслуга, а не на нивната партиска припадност.

-Членовите на независните регулаторни тела мора да се избираат согласно заслуги, само така ќе имаме професионална комисија и само така вистински ќе инвестираме во системот за спречување и заштита од дискриминација. Претходните два состава на комисијата беа оценети и од нас како здруженија и од ЕК како непрофесионалци, луѓе кои се поврзани со политичките партии и со тоа не успеаја да обезбедат ефективна заштита од дискриминација, рече Дрндаревска.

Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска со предложениот Закон, Комисијата за превенција и заштита од дискриминација ќе биде независно тело кое ќе го сочинуваат седум професионалци со седумгодишно искуство во сферата на човековите права и пет години искуство во делот на еднаквост и недискриминација. Ќе има сопствена буџетска независнот, а изборот на членови ќе биде на јавна расправа во Комисијата за избори и именувања,што значи, вели, јавноста ќе биде вклучена преку таа расправа. Дополнително Комисијата ќе направи предлог – листа која ќе ја предложи на пленумот со апликациите на сите кандидати.

– Важно ни е граѓаните ден поскоро да го добијат овој закон. Ги повикувам пратениците да го изгласаат овој закон кој ги адресира европските вердности и пред се ќе ги штити правата на граѓаните од секаков облик на дискриминација, рече Шахпаска.

Поврзани новости