Професија политичар

by Fokus

 

  Доаѓа хирург на местото градоначалник и троши две години од мандатот за да научи основни работи, без кои не може да ја извршува функцијата. Тоа значи тој го троши половина мандат за да учи, а не за да работи и сработи за народ. Од друга страна ја запоставува својата професија лекар, за на крај да добиеме неквалитетен градоначалник и запоставен лекар. Потребни се луѓе кои од прв ден ќе се зафатат за работа. Кои знаат што треба да сработат.

Пишува Петар БОГОЈЕСКИ, политички и граѓански активист

Македонија нема доволен напредок поради несоодветни кадри во многу области. Реченица која ја слушаме трипати на ден, од рано на утрински програми, до доцните ТВ дебати. Во ред, во право сте. Ако стоиме на тој принцип, што бараат доктори по медицина во градоначалничка улога? Што бараат просветни работници во пратеничка улога? Тогаш каде да одат политичарите по професија? Да им дадеме да оперираат или да едуцираат? Вистина и тоа се случува понекогаш во нашата Македонија.

Време е да ја констатираме професијата политичар како секоја друга професија. За тоа си сака образование, наука, пракса, дополнителна надградба, си сака многу. На некој начин, како што секој мисли дека може да биде историчар и дека со прочистување на две четива на Википедија научил да беседи за минатото, исто е и со оваа нашата, каде што секој мисли дека може да биде политичар. Не е во ред да ги уништуваме останатите професии, особено здравствената и просветната, а да ги произведуваме во налбати политичари. Правиме двојна штета. Ниту ќе го биде докторот добар градоначалник, ниту, пак, ќе се најде добра замена за него во здравството за да го лекува народот. Лекарската и просветната професија треба да бидат повеќе платени од политичарите, за да спречиме нивно одлевање во зоната на политиката.

Доаѓаме до моментот на невработени политичари. На тој начин тие се присилени да работат задачи што не им се својствени. Да влезат во улога на други професии. Така настанува мешавина, за која се сложивме дека не е прифатлива. А што да прават професионалните политичари или лицата со сродни професии на политиката? Да гледаат ТВ од дома, како доктор хирург им беседи за надворешна политика? Или професор по хемија им говори за изборен законик? Дајте ве молам, работите се излезени од контрола.

Локални избори само што не пристигнале. Се подготвуваат кандидатски листи. Особено оние за градоначалници се многу важни. Позицијата градоначалник е менаџерска, си сака човек од организациски науки или човек блиску конектиран со надлежностите на општината. Тоа значи, покрај професионален политичар, може да се вклучат градежни инженери, архитекти, правници и економисти, луѓе со административно професионално искуство. Лекарите треба да добијат минимална плата од 2.000 евра, а не да се спремаат за градоначалници. Аман доста беше од лекари градоначалници. Видено е, испробано, не ја бива работата. Нема резултат. Лекарот за друго го бидува, не за градоначалник.

НАШИОТ НАРОД ЖИВЕЕ ВО УСЛОВИ ОД 19 ВЕК

Граѓаните гласале за лекари, тие биле најпопуларни, затоа партиите нив ги кандидирале за градоначалници. Па, ако имаа памет овие нашиве партии, не ја дотеруваа до тука работата. Ако не кандидира ниту една партија лекар за градоначалник, тогаш како граѓаните ќе гласаат за таков кандидат? Едноставно ќе избираат од она што е соодветно по професија понудено на изборните листи. Така ќе се стави ред. Партиите редно е да размислуваат за надградба и создавање професионални кадри за државните изборни позиции, резервоар што ќе им биде понуден на граѓаните. Кадри што ќе поминат низ соодветни обуки и ќе се стекнат со соодветни вештини, да менаџираат со државни институции, особено општини, што е комплексна задача. Нашиот народ живее во услови од 19 век. Сѐ уште во центарот на Скопје нема одвоена атмосферска и фекална канализација. Да не зборувам за пречистителни станици и заштита на водите од реките од ултразагадување. Многу населени места немаат водовод. Па, и градовите немаат соодветно водоснабдување. За квалитетот на градските улици и булевари да не зборуваме. Возила на тротоари, пешаци на улици… генерално неквалитетен живот за сите нас.

Потребни ни се обучени кадри кои ќе донесат подобар квалитет на животот на граѓаните. Како што во една компанија е потребен квалитетен менаџер претприемач, така во државните позиции се потребни квалитетни и обучени кадри кои знаат каде се, за што се, кој ги избрал и што им е задачата. Половина од нашиве функционери мислат дека ги избрала партијата, а не народот, не знаат каде дошле да работат, ниту што се очекува од нив. Доаѓа хирург на местото градоначалник и троши две години од мандатот за да научи основни работи, без кои не може да ја извршува функцијата. Тоа значи тој го троши половина мандат за да учи, а не за да работи и сработи за народ. Од друга страна ја запоставува својата професија лекар, за на крај да добиеме неквалитетен градоначалник и запоставен лекар. Потребни се луѓе кои од прв ден ќе се зафатат за работа. Кои знаат што треба да сработат. Државните позиции треба да бидат најмалку платени, во споредба со одредени други професии, за да не бидат конкурентни за личности што не доаѓаат на позиција да направат нешто за народот, туку доаѓаат за печалба на грб на народот. Државна јавна функција е служба, слуга на народот, а не привилегија и печалбарење. Од тука треба да почнеме, ако сакаме да создадеме функционална држава.

 

 

 

 

Поврзани новости