Проф. Душко Стојановски до Пленумци: Да покажеме дека сме луѓе со граѓанска свест

by Фокус

Отворено писмо на професорот Душко Стојановски од гимназијата „Орце Николов“ до Пленумците. Неговото писмо ви го пренесуваме интегрално:

Уште еднаш покажавте колку се важни рационалноста и промисленоста, колку е важно да се има чувство за моментот, за состојбата што дава рамка на можните одлуки. Во вистински момент ставате запирка. Знаете дека нема со кого да разговарате. Дека немате соодветен соговорник.

Пред шест недели станавте, се исправивте пред сите нас и ни покажавте што е должноста на еден свесен граѓанин, што е должноста на вистинскиот човек. Ни покажавте што е тоа интегритет, што е тоа да се биде ЛИЧНОСТ. Кренавте глас за подобро образование, за образование што целосно ќе произлегува од елементарните образовни принципи. За образование што ќе гради личности, што ќе поттикнува креативност.

За образование што ќе се потпира на меѓусебно разбирање и почитување. За образование во кое нема да доминираат репродуктивноста и пренатрпаноста. За образование во кое сите ќе имаат еднакви шанси за напредок.

За образование што ќе создава ЗДРАВО ОПШТЕСТВО! Ве поддржуваа многумина, впрочем собравте десетици илјади потписи за поддршка. Затоа сте Вие победници. Победивте и затоа што Вие и СТУДЕНТСКИОТ ПЛЕНУМ покажавте што е всушност демократско функционирање. Вашите хоризонтални поставености го оживеаја мртвилото на оваа земја.

Негувајте ги и понатаму. Ширете ги околу себе. Такви какви што сте, ведри и искрени, учете не како и ние да функционираме.

Тоа е долготраен процес, но единствено исправен и не се предавајте. Продолжете го. Тоа е она што не го разбираат профитерските мозоци во пастелни бои. Тоа нивно незнаење ја покажува нивната немоќ и предизвикува гнев и омраза во неспособните фигури кои се викаат МОН. Таквото неразбирање и незнаење го уништуваат нашето образование, го уништуваат нашето општество.

Само со истрајна работа ќе се создатат услови “надлежните” да сфатат дека владата е слуга на граѓаните на една држава. Дека граѓаните се тие кои ја даваат или ја одземаат моќта. Само така ќе имаме влада која добро ќе размисли пред да преземе какви-било чекори. Влада која ќе се грижи за сите свои граѓани, за сите нивни проблеми.

Влада која ќе се грижи за проблемите на средношколците и студентите барем исто, ако не и повеќе отколку за синот на некој си Трајко за кој сите знаеле дека е проблематичен. Влада која нема во образованието да форсира големи директорчиња( употребувам оксиморон илити остра тапост) и полтронски наставници кои создаваат лажна слика за образованието. Влада чиј прв министер во своите јавни обраќања, освен што ќе не учи како се одгледуваат домати на кокос, ќе ни кажува и каква е демократијата во Холандија.

Какви се човековите права во Холандија?! Какво е образованието?! Ќе ни кажува колку е подобро образованието кога во класот има десет до петнаесет ученика, наспроти нашите триесет и четири. Ќе ни кажува која е разликата во образовниот процес кога еден ученик учи пет предмети во едно полугодие, наспроти дванаесет до четиринаесет како во нашиот образовен систем. Ќе ни кажува зошто најквалитетните шест ученици од “Орце Николов” беа многу среќни кога добија стипендија да продолжат школување во приватната гимназија НОВА и да и го подигнуваат рејтингот. Ќе ни кажува зошто се` што е поквалитетно сака да бега од земјата.

Токму затоа треба Вие ПЛЕНУМЦИ да продoлжите да се градите себеси, да ја чувате и ширите хоризонталата. Токму затоа вашата запирка треба да биде само земање нов здив. Токму затоа утрешниот неделен ден е ден за решителност и кревање на гласот. Тоа е неделен ден кога треба да се излезе и да му се каже не на злото.

Затоа што злото сега има и име и презиме. Сите ние сме должни да го ослободиме човекот во себе со насмевка и добра мисла, да се приближиме кон Вас Пленумци( Студентски и Средношколски). Кон вас зашто сте најздравото ткиво во организмот на нашето општество.  Зашто сте најцврстиот темел врз кој ќе се гради иднината. Да излеземе со ВАС и одлучно да им речеме не на злото и насилството.

Да се спротивставиме со насмевка и ведрина. Да ги задушиме можните провокации. Со љубов и топлина цврсто и решително да кажеме дека сакаме во оваа Недела (на руски се кажува Воскресение) да го воскреснеме човекот во нас. Да и кажеме и на оваа и на секоја нова влада дека сме ЛУЃЕ СО ГРАЃАНСКА СВЕСТ!!!

Поврзани новости